Стратегија за добро владеење и антикорупција во Југоисточна Европа - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Стратегија за добро владеење и антикорупција во Југоисточна Европа PDF Печати Е-пошта
Четврток, 25 јули 2013 12:01

seldi coverМрежата „Водство за развој и интегритет во Југоисточна Европа“ (СЕЛДИ) подготви Стратегија и акциски план во кои се дефинираат мисијата и целите на СЕЛДИ до крајот на 2016 година. Документите содржат и конкретните активности на мрежата.

СЕЛДИ е отворена иницијатива и има тенденција постојано да се шири и да привлекува граѓански организации, креатори на политики и други засегнати страни, кои може да придонесат за остварување на нејзините цели, да споделат искуства и да ги поддржат мерките за добро владеење и антикорупција во Југоисточна Европа (ЈИЕ). Мисијата на СЕЛДИ е јакнење на капацитетите на граѓанските организации во регионот за соработка, следење и влијание врз доброто владеење и корупцијата во Југоисточна Европа и Турција преку јавно-приватно партнерство.

Стратегијата и Акцискиот план на СЕЛДИ треба да послужат како план на мрежата, но исто така и како вредносна изјава, со која може да се привлечат нови партнери и да се информираат и мотивираат другите засегнати страни. Фокусот во акцискиот план е на подобрувањето на опкружувањето за граѓански активизам и за дијалог меѓу државата и граѓанско општество на национално и регионално ниво. При подготовката на Стратегијата и акцискиот план на СЕЛДИ беа консултирани 140 засегнати страни во областа на антикорупцијата (ГО, креатори на политики, меѓународни организации, истражувачи и новинари од девет земји) кои дадоа значителен придонес.

Стратегијата е достапна на повеќе јазици на веб-страницата на мрежата www.seldi.net. Таа е дел од проектот „Граѓанско општество за добро владеење и антикорупција во Југоисточна Европа: Градење на капацитетите за мониторинг, застапување и подигнување на јавната свест“, финансиран од Европската Унија. Во проектот се вклучени 17 граѓански организации од девет држави од регионот (Албанија, БиХ, Бугарија, Хрватска, Косово, Македонија, Црна Гора, Србија и Турција). Носител на проектот е бугарскиот Центар за изучување на демократијата (ЦИД), а македонски партнери во овој проект, покрај МЦМС се и Институтот за демократија Социетас Цивилис – Скопје и Институтот Охрид. Македонската верзија на Стратегијата финансиски е поддржана од „Проектот на УСАИД за борба против корупцијата“, имплементиран од МЦМС.

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Стратегија за добро владеење и антикорупција во Југоисточна Европа