Користењето на Зум платформата е најатрактивната услуга на ГРЦ за време на пандемијата - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Користењето на Зум платформата е најатрактивната услуга на ГРЦ за време на пандемијата PDF Печати Е-пошта
Сабота, 31 октомври 2020 11:48

Од почетокот на јуни, Граѓанскиот ресурсен центар започна да ја нуди услугата за бесплатно користење на платформата Зум (Zoom). За разлика од бесплатната верзија на оваа платформа, преку сметката на ГРЦ, здруженијата имаат можност за неограничени онлајн средби, како и нивно снимање и пренос во живо. До крајот на октомври оваа услуга е искористена 79 пати и продолжува да биде една од најбараните.

20201103 zoom app

Илија Станковски, од здружението „Лидери за едукација, активизам и развој“, вели дека бесплатното користење на платформата Зум, е огромна помош за нивната организација за непречено спроведување на активностите и за полесно прилагодување на новиот начин на работа. „Искрено се надеваме дека оваа можност ќе им биде достапна во иднина на што е можно поголем број граѓански организации, бидејќи е значаен ресурс во дигиталниот начин на работа“, додаде тој.

Според Марина Тошеска, Локална Акциона Група „Агро лидер“, главниот придонес на Граѓанскиот ресурсен центар е во тоа што обезбеди средина во која здруженијата можат континуирано, лесно и безбедно да ги одржуваат своите обуки, работилници, конференции и состаноци. Игор Стојков, од Клубот на млади на Фондацијата „Фокус“ од Велес, потенцираше дека ваквата услуга е особено добредојдена за младите во граѓанските организации кои и онака во главно функционираат во виртуелниот простор.

Сепак, и покрај големата популарност на алатката за онлајн комуникација, не сите членови на граѓанските здруженија и нивните корисници имаа предзнаења за нејзино правилно користење. Затоа, ГРЦ обезбеди соодветна поддршка на корисниците пред и за време на настаните. „Не само што ГРЦ закажува термин и простор на Зум, туку ја дава целокупната поддршка која што и е потребна на организацијата за да им објасни на учесниците како да се приклучат; кои се можностите на платформата; што, кога и како се користи, вклучувајќи и цело упатство за организаторите и за учесниците на работилницата“, вели Лилјана Јоноски од Рурална коалиција за нејзината соработка со тимот на ГРЦ.

Граѓанскиот ресурсен центар ќе продолжи да ја нуди бесплатната услуга и во наредниот период бидејќи е очигледно дека постои голем интерес и потреба, особено од страна на здруженијата кои не можат да одвојат средства за да отворат сопствена сметка на платформата Зум. На овој начин, граѓанските организации ќе продолжат да го промовираат граѓанскиот активизам и да бидат носители на позитивни промени во општеството.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Користењето на Зум платформата е најатрактивната услуга на ГРЦ за време на пандемијата