Дигиталната технологијата може да се искористи за трансформација на социјалните предизвици во решенија со општествено влијание |
![]() |
![]() |
![]() |
Вторник, 21 октомври 2025 09:04 | |
Дигиталната технологија може да се искористи за трансформација на социјалните предизвици во решенија со општествено влијание беше општиот заклучок од работилницата за дигитални социјални иновации која за граѓанските организации се одржа во Скопје на 16 октомври 2025 година. Со оваа работилница Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ) продолжува да ги јакне организациите на теми поврзани со дигиталната трансформација, кои, кога ќе се спојат со социјалните иновации придонесуваат кон нивно ефикасно и ефективно делување кое и служи на заедницата. На оваа работилница учесниците добија подлабоко разбирање за тоа што се дигитални социјални иновации и зошто тие се значајни за граѓанските организации и го зголемија своето знаење и вештини за развивање на иновативни дигитални решенија кои директно одговараат на реалните социјални проблеми и потреби во заедницата во која тие делуваат. Преку водство и инспирација, како и споделување на домашни и меѓународни примери за дигитални социјални иновации, организациите добија простор да ги претворат своите идеи во конкретни концепти што можат да се развијат во идни проекти. Се работеше интерактивно, преку тимски вежби, креативни методи и практични алатки. Учесниците ја следеа и применуваа рамката од специјално развиен методолошки водич со 10 чекори за дигитални социјални иновации: почнувајќи од размислување за социјалниот проблем кој го забележуваат во својата заедница; осмислување решение за истиот, вклучувајќи го и аспектот како дигиталната технологија би можела да придонесе кон полесно остварување на решението; визуелизација на дигиталното решение; вклучување на целните групи и заедницата воопшто и во фазата на идентификација на проблемот и во креирање на негово решение; планирање кој, како и со кој буџет ќе ја направи алатката; дали решението е лесно за користење од страна на луѓето на кои им треба, подготовка на кратки и јасни упатства за користење на функциите на алатката; тестирање на идејата и алатката со задолжително добивање на повратни информации за подобрување на истата, промовирање на решението во заедницата преку локални настани, социјални медиуми и други канали преку кои ќе бидат споделени и примери од задницата каде решението помогнало; завршувајќи со мерење на успехот и влијанието: собирање повратни информации за тоа колку луѓе го користат решението, како им го подобрува животот и како истото може да се унапреди. По завршување на работилницата учесниците го изразија своето задоволство од темите кои беа опфатени на истата. “Дигиталните социјални иновации се мошне интересна работа“ изјави Зоран Андонов од Здружението за церебрална парализа од Тетово. “Оваа обука ни ги даде правците за успешно креирање на дигитални социјални иновации“ додаде тој. Темите беа релевантни, а дискусиите корисни и за Горан Нестороски од Здружението на родители на деца со пречки во развојот “НАДЕЖ“ од Кичево: “Многу корисна обука, размена на идеи и можности за дигитални социјални иновации. Обуката дава насоки и можности за развој и примена на социјалните иновации за решавање на некои проблеми и потреби на лицата со попреченост“ рече тој. Интересот за јакнење на капацитетите од оваа област граѓанските организации го пријавуваа на јавен повик, а учесниците имаа можност го проследат и онлајн видеото поставено на ГРЦ академијата на општа тема од областа на дигиталната трансформација: Обука за дигитална трансформација на граѓанските организации – ГРЦ. По работилницата, со сите заинтересирани граѓански организации ќе се спроведат и менторски активности на оваа тема. Работилницата беше организирана во рамки на проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар.
|