Промовиран новиот Адресар на општините - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Промовиран новиот Адресар на општините PDF Печати Е-пошта
Четврток, 20 мај 2010 09:44

МЦМС и ЗЕЛС, на 19 мај 2010 година во хотелот Холидеј ин во Скопје, го промовираа третото издание на Адресарот на општините на Република Македонија. Во име на МЦМС на присутните им се обрати Александар Кржаловски, извршен директор на МЦМС, кој направи кратка анализа на податоците од Адресарот. Од името на ЗЕЛС, на присутните им се обрати Душица Перишиќ, извршна директорка на Заедницата.

Промовиран новиот Адресар на општините

Адресарот содржи голем број информации од контактни до информации за структурата на општината, стопанските гранки и приоритетите за локален економски развој, за спроведените проекти и финансиите со кои располага.

Иако навидум кратки, информациите презентирани во Адресарот овозможуваат добри анализи на општините во Македонија. Според тие информации најголем дел од населението во Македонија живее во урбаните општини или во Скопје (81%), а само 19% живеат во рурални општини.

Скопје и урбаните општини предничат во бројот на стопански субјекти, па така, во Скопје тој изнесува 89 на 1000 жители, во урбаните општини 38, а во руралните општини само 2 стопански субјекти на 1000 жители. Развивањето на малите претпријатија е приоритет во Скопје, кај урбаните тоа е туризмот, а кај руралните земјоделието со пасиштата и шумите.

adresa-na-opstini-2010

Приоритетите кај еколошките проблеми се изедначени, па така, сите најголем проблем имаат со дивите депонии, потоа со загадувањето на водите и трет по значење е проблемот со загадувањето на воздухот.

Буџетите на општините го следат јазот помеѓу урбана и рурална Македонија. Според реализираните буџети во 2008 година, Градот Скопје, заедно со 10-те општини располагале со околу 133 милиони евра, вкупно 34 урбани општини со околу 166 милиони евра, а 40 рурални општини со речиси 32 милиони евра.

Промовиран новиот Адресар на општините

Иако во бројот на проекти предничат руралните општини (44% во споредба со урбаните на кои отпаѓаат 42% и градот Скопје со само 14%) буџетите на проектите се друга приказна. Овие 44% од проектите се спроведуваат со 17% од вкупниот буџет на сите проекти, 42% на урбаните општини се спроведуваат со 52% од буџетот и 14% на градот Скопје со 31% од вкупниот буџет на проектите.

Проектите што ги спроведуваат општините сé уште во голема мерка се зависни од странска помош. Владата на РМ во соработка со странските влади е на чело на донаторите со 37%, само Владата на РМ и нејзините институции обезбедуваат 17%, 10% се средства на општините, а 8% на Европската Унија. Останатите средства се од УНДП, Светската банка, УСАИД и други донатори.

Целта на ваквите изданија е да ја подобрат комуникацијата меѓу општините но и комуникацијата на другите актери од јавниот, деловниот и граѓанскиот сектор со општините во Македонија.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Промовиран новиот Адресар на општините