МЦМС дел од истражувањето за одржливоста на граѓанското општество |
Понеделник, 18 ноември 2019 09:56 | |||
Објавен е извештајот „Одржливо граѓанско општество: Лекции од пет комбинирани фондови во Источна Европа“ каде МЦМС беше едена од интервјуираните организации.
Овој двегодишен проект претставува компаративна студија на пет комбинирани фондови, или партнерства и трустови, основани во различни делови на Источна Европа од 1991 година наваму. Прашањата во истражувањето се однесуваат на оригиналните мотиви за основање на овие партнерства и трустови, нивната методологија и имплементација, кои организации добиле финансирање и за кои активности, како и дали истите останале отпорни за време на политички притисоци или намалено финансирање. Интервјуирани беа оригиналните донатори, вработените, грантистите, независни експерти, како и локални доделувачи на грантови. Мнозинството од нив потенцирале дека најголемиот предизвик останува одржливоста на грантистите. Многу од донаторите од САД го напуштиле регионот во последниве две децении, додека европските донатори не овозможуваат слична флексибилна институционална поддршка. Ова резултирало со намален број на активности, персонал и режиски трошоци, дури и остварување комерцијален приход. Постои раст во финансирањето од страна на заедницата (crowdfunding) и личните донации. Некои организации стратешки се преориентирале, други во фокусот ги ставиле граѓанското учество, развојот на заедницата и образованието за толеранција, наместо дотогашното застапување за политики. Други организации одговориле на политичките притисоци со зголемен професионализам, на пример преку финансиски и административни ревизии, како и поддршка на моралот кај персоналот. Од студијата може да се извлечат научени лекции за донаторите и активистите за идните напори на градење отпорни граѓански општества. Така на пример, обезбедувањето суштинска поддршка за новите организации и финансирањето средства од типот на недвижен имот се покажале како паметна долгорочна инвестиција. Исто така, стана јасно дека можело да се направи повеќе околу градењето на култура кај организациите грантисти која ќе им овозможи подолготрајна поддршка. Во регионот (но исто така и во светот), недостатокот на доверба во институциите прераснал во сериозна пречка во денешната политичка клима. Повеќе труд можел да се вложи во надминување на статичниот „мајндсет“ преку граѓанско образование и поддршка за граѓанското општество. Конечно, независните медиуми играат важна улога во политичката отчетност, а исто така се средство преку кое ќе се даде легитимитет на граѓанските организации и ќе се споделат нивните постигнувања.
|