Македонија се уште далеку од комплетно имплементирање на Конвенцијата УНКАК |
Вторник, 27 август 2019 00:00 | |||
МЦМС од 20 декември 2017 до 19 Јуни 2019 година ја мониторираше имплементацијата на Глава 2 и Глава 5 од Конвенцијата УНКАК, која е универзален и сеопфатен документ во борбата против корупцијата. Над 45.000 лица се информираа за важноста на антикорупциските реформи кои и претстојат на државата, како и за значењето на Конвенцијата на Обединетите нации за борба против корупција (УНКАК). Во тој период, МЦМС во партнерство со БЦСДН изготви два извештаи: Извештај во сенка за вториот процес на ревизија и имплементација на Конвенцијата и Извештај за усогласеност на македонското законодавство со меѓународните препораки за ефикасна борба против корупција. Извештајот кој се однесува на имплементацијата на конвенцијата УНКАК помогна да се утврди до каде е Македонија на патот до спроведувањето на овие поглавја. Наодите покажуваат нецелосна транспарентност на државните институции, недостатокот на инклузивност на сите засегнати страни во процесот на креирањето политики, парцијална отчетност како предуслов за мерење на доследно исполнување на надлежностите на државните институции како и недоследна имплементација на домашната регулатива. Дел од препораките се однесуваа на доследна примена на Законот за спречување на корупција и судир на интереси како и обезбедување целосна независност на Државната комисија за спечување корупција (ДКСК); предвидување на интегритетот како предуслов за намалување на корупцијата; опфаќање на финансиските придобивки во Законот за меѓународна соработка во кривичната материја и Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам од аспект на проширување на опсегот на одредбите; поефикасна примена на мерката конфискација преку унапредување на законските одредби од Кривичниот законик и од Законот за кривична постапка; и др. Вториот извештај кој се однесуваше на македонското законодавство, ги обединува во една целина сите наоди, заклучоци и препораки што произлегоа од следењето на антикорупциските реформи преземени во државата во периодот од 2013 до 2018 година. Ова помогна да се согледа колку државата напредувала или назадувала во однос на прашањата кои се поврзани со борбата против корупцијата, како и кои се очекувањата на ЕУ. Тој јасно покажува дека државата е пред големи реформи во борбата против корупцијата и дека постојаниот надзор врз нивната имплементација го зголемува притисокот за поскоро и сеопфатно решавање на сите прашања во оваа област. Исто така, при споредба на дадените препораки од Европската Унија и ГРЕКО, очигледно е дека препораките во голема мера се поклопуваат или надополнуваат меѓу себе и имаат за цел да го хармонизираат македонското законодавство со европското. На полето на борбата со корупција препораките се однесуваат на доследно почитување на законската регулатива и неселективност при спроведувањето на новиот Закон за спречување корупција и судир на интереси. Телата за борба против корупција сè уште имаат недостаток на капацитети, а предизвик останува нивната партиска и политичка независност. На полето на судскиот систем, се уште на ниско ниво се стандардите за професионално работење на судиите, независноста и транспарентноста. Препораките за јавните набавки се однесуваат на следење на практичната примена на новиот Закон за јавни набавки, како и на доуредувањето на финансиската отчетност за трошење на државните средства.
|