Прв адресар на организациите на иселениците од Македонија - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Прв адресар на организациите на иселениците од Македонија PDF Печати Е-пошта
Четврток, 17 декември 2009 15:10

[Прес соопштение] Македонскиот центар за меѓународна соработка заедно со Агенцијата за иселеништво на Република Македонија го издадоа првиот Адресар на организациите на иселениците од Македонија.

Адресарот има за цел да ја подобри информираноста за организациите на иселениците од Македонија, како меѓу нив самите, така и кај пошироката македонска јавност.

Во подготовката на Адресарот, како основен извор, користена е базата на податоци на Агенцијата за иселеништво. Листата е проширена и со други извори на информации (пр. веб-страници). Со Адресарот се опфатени 584 организации, од вкупно 25 земји.

Принципот на вклучување во Адресарот беше организацијата да здружува граѓани со потекло од просторот на Република Македонија, без оглед на етничката или друга припадност. Се разбира, во дијаспората голем број организации вклучуваат и етнички Mакедонци и припадници на другите етнички заедници присутни во Македонија, кои по потекло не се од територијата на Република Македонија. Организациите кои вклучуваат граѓани од Република Македонија, но се декларираат како доминантно поврзани со територии вон нејзините граници, не се вклучени во Адресарот. Исклучоци се можни, иако се направени напори за целосна проверка и соодветна класификација. Вклучувањето на организациите во Адресарот не прејудицира никакви политички ставови на издавачот.

Адресарот содржи основни податоци за организациите. Видот на организациите вклучува културно-уметнички и спортски друштва, здруженија за пријателство, организации од верски карактер, како и медиуми. Податоците се одговорност на самите организации. Можни се промени од периодот на собирање на информациите (јануари-март 2009 година), до самото издавање на Адресарот и потоа. 

Презентацијата на организациите е направена по држави, по азбучен редослед. Имињата на организациите се напишани на македонски и на англиски јазик, а на организациите на другите етничките заедници од Македонија и на нивниот јазик, онаму каде што била достапна таа информацијата.

Издавањето финансиски го поддржа Евангелскиот развоен сервис (ЕЕД) од Германија.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Прв адресар на организациите на иселениците од Македонија