ЗКК побара од ЕУ побрз почеток на преговорите - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

ЗКК побара од ЕУ побрз почеток на преговорите PDF Печати Е-пошта
Понеделник, 28 септември 2009 11:30

[Прес соопштение]  На 25 септември 2009 г., Заедничкиот консултативен комитет на граѓанското општество (ЗКК) на ЕУ-РМ го поздрави предлогот на Европската комисија за безвизно патување за граѓаните на Република Македонија и ги повика и останатите институции во ЕУ да го следат нејзиниот пример. Членовите на ЗКК исто така бараат, што е можно побрзо, да започнат преговорите помеѓу ЕУ и Република Македонија веднаш штом бидат исполнети одредниците наведени во Пристапното партнерство.

Г-ѓа Ана КРАЕН, претставник на шведското претседателство со ЕУ, Потпретседателот на ЕЕСК г-ѓа Ирини ПАРИ и г. Филип ХАМРО-ДРОЦ, Претседател на Одделот за надворешни односи на ЕЕСК, исто така земаа учество во јавната дискусија.

Ко-претседавачи на ЗКК се г-ѓа Владимира ДРБАЛОВА, Директор за европски прашања на Индустриската конфедерација на Чешката Република (член на ЕЕСК, Чешка Република), и г. Сашо КЛЕКОВСКИ, Директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка.
Во однос на финансиската и економска криза во Република Македонија, членовите на ЗКК ги повикаа креаторите на политики во земјата да ги зголемат инвестициите во образованието и  да се подобрат квалификациите на работната рака како и да се подобрат условите за домашните и странските инвеститори.

Членките на ЗКК ја поттикнуваат Владата на Република Македонија да го зајакне социјалниот и граѓанскиот дијалог, нагласувајќи дека тоа претставува клучен фактор за оптимизирање на тековните реформски процеси.

Втората средба на ЗКК ќе се одржи во Република Македонија, на почетокот на 2010 година. Главната тема на настанот ќе ги опфати економските и социјалните права. ЕЕСК, со формирањето на новиот ЗКК, успешно воспоставува заеднички тела на граѓанското општество со трите земји, кандидати за членство во ЕУ: Турција, Хрватска и Република Македонија.

 

НАЦРТ ЗАКЛУЧОЦИ

на ко-претседавачите г-ѓа Владимира Дрбалова и г. Сашо Клековски

Заедничкиот консултативен комитет (ЗКК) на граѓанското општество на ЕУ и Република Македонија ги надополнува телата кои веќе постојат во рамки на Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и ЕУ. На основањето на ЗКК му беше дадена целосна политичка поддршка на Четвртиот Совет за стабилизација и асоцијација РМ-ЕУ, одржан на 24 јули 2007, кога на министерско ниво двете страни побараа негово основање.

ЗКК ќе овозможи организациите на граѓанското општество од двете страни да го набљудуваат патот на Република Македонија кон Европска Унија и ќе усвои препораки до Владата на РМ и институциите на ЕУ. ЗКК исто така, ќе има суштинска улога во иницирање на дебати меѓу граѓаните и во ширењето на информации  како во  РМ така и во ЕУ.

ЗКК го сочинуваат 12 членови, 6 од секоја страна, кои ги претставуваат  организациите на граѓанското општество во РМ и Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК). Во првиот мандат, со ЗКК ќе копретседаваат г-ѓа Владимира Дрбалова, член на ЕЕСК, Директор за меѓународни организации и европски прашања на Индустриската конфедерација на Чешката Република (СПЧР) и г. Сашо Клековски, директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

На првиот состанок членовите на ЗКК беа почестени со присуството на г-дин Џелал Бајрами, министер за труд и социјална политика, г-ѓа Ана Кранен, претставник на шведското претседателство со ЕУ, г. Дирк Ланге, директор за проширување во Европската комисија, кој го претставува Комесарот за проширување, г. Оли Рен,  г-ѓа Ирини Пари, потпретседател на ЕЕСК и г. Филип Хамро-Дроц, претседател на одделот за надворешни односи на ЕЕСК.

Членовите на ЗКК ги усвоија Деловникот за работа и Работната програма на заедничкото тело и ги именуваа постојаните набљудувачи кои ќе присуствуваат на следните состаноци.

1. Патот на Република Македонија кон ЕУ

1.1. Членовите на ЗКК го поздравија законскиот предлог на Европската комисија од 15.7.2009 година, за укинување на визите за граѓаните на Република Македонија.

1.2. Членовите го истакнаа значењето на визната либерализација за олеснување на редовните непосредни  контакти меѓу луѓето, доближувајќи ја земјата до ЕУ, и членовите го повикаа Советот на ЕУ и Европскиот парламент да продолжат со законскиот предлог, за да може укинувањето на визниот режим да се одобри до крајот на 2009 година.

1.3. Учесниците ја охрабрија Владата на Република Македонија да ја одржи силната заложба за напредок во процесот за пристапување кон ЕУ. Што се однесува до политичките критериуми, членовите на ЗКК посебно го поздравија фактот дека претседателските и локалните избори во 2009 година ги исполнија повеќето меѓународни стандарди и беа спроведени на професионален и транспарентен начин. Што се однесува до економските критериуми, членовите нагласија дека, при усвојување и имплементација на  реформите кои влијаат на економската и социјалната структура на земјата, Владата треба да работи заеднички со организациите на граѓанското општество, преку редовни консултации. Потоа, ги повикаа сите граѓански организации кои се активни во земјата што поблиску да придонесат на јавните политики и легислативата за подготовка и усвојување на аcquis-to на ЕУ.

1.4. Што се однесува до одредниците содржани во Пристапното партнерство на земјата со ЕУ, учесниците особено повикаа да бидат направени напори во реформата на јавната администрација и правосудството, за продолжување на напорите за олеснување на  бизнис и социјалната клима и во промовирањето на вработувањето, посебно на младите.

1.5. Учесниците исто така ја подвлекоа важната улога која треба да ја имаат организациите на граѓанското општество во земјата, со оглед на тоа дека тие може да го зајакнат дијалогот меѓу политичките власти, синдикатите, организациите на работодавачите и граѓанското општество.

1.6. Што се однесува до претстојниот Извештај на Европската комисија за 2009 година, членовите на ЗКК ја изразија својата желба, Комисијата да препорача отворање на преговори доколку се исполнети одредниците од Пристапното партнерство, на линија на заклучоците усвоени на декемврискиот Европски совет во 2005 година и на јунскиот Европски совет од 2008 година. Членовите на ЗКК жалат дека четири години по доделување на кандидатскиот статус, пристапните преговори сеуште не се започнати. Ги повикуваат двете страни да ги направат потребните чекори за да се постигне понатамошен напредок.

1.7. Што се однесува до регионалната соработка, учесниците исто така го охрабрија понатамошното интензивирање на прекуграничната соработка и ја нагласија важноста за продолжување на дијалогот со сите соседни земји и организации на граѓанското општество.

2. Влијание на финансиската економска криза во Република Македонија

2.1. По презентацијата на Бернард Боем, аналитичар во Европската комисија за  економски и финансиски работи во Република Македонија, членовите на ЗКК нотираа дека економијата на земјата го поднесе негативниот ефект од финансиската и економска криза релативно добро, иако растот е забавен и оваа година стана негативен. Финансискиот сектор исто така остана релативно стабилен.

2.2. Сепак, имајќи ја во вид слабата конкурентна позиција на земјата, членовите на ЗКК ги повикаа политичарите да ги зголемат инвестициите во образованието и да ги подобрат квалификациите на работната сила, како и да ги подобрат условите за домашни и странски инвестиции.

2.3. Понатаму ја охрабрија Владата и интересните групи од граѓанското општество да го зајакнат социјалниот и граѓанскиот дијалог, нагласувајќи дека дијалогот ќе биде клучен елемент за оптимизирање на тековниот реформски процес, за негов понатамошен напредок.

2.4. Следниот состанок на ЗКК, кој ќе биде одржан во Република Македонија, рано во 2010 година, особено ќе биде фокусиран на прашањето на економските и социјалните права.

НАЦРТ ЗАКЛУЧОЦИ
 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести ЗКК побара од ЕУ побрз почеток на преговорите