Граѓанските организации расправаа за предлог-Законот за здруженија и фондации - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Граѓанските организации расправаа за предлог-Законот за здруженија и фондации PDF Печати Е-пошта
Среда, 10 Февруари 2010 11:24

На 5 февруари 2010 година Министерството за правда пред граѓанските организации ги презентираше новините и отвори јавна расправа за предлог-Законот за здруженија и фондации.

Граѓанските организации расправаа за предлог-Законот за здруженија и фондации

Министерот Михајло Маневски истакна дека предлог-Законот за здруженија и фондации е во согласност со сите меѓународни стандарди, препораки и најдобри практики кога станува збор за регулирање на слободата на здружување и на условите за делување на граѓанските организации. Законот е подготвуван од страна на работна група сочинета од претставници од неколку министерства, но и од претставници од граѓански организации.

Маневски истакна неколку клучни новини. Со предлог-Законот се подобрува слободата на здружување. Здруженијата може да ги основаат физички и правни лица, домашни и странски државјани, како и малолетни лица под определени услови за разлика од постоечкиот кога тоа право го имаа само полнолетни државјани на Република Македонија. Потоа, со новите решенија се овозможуваат активности за стекнување добивка, се подобрува организациска структура (поделба на функциите во организацијата на управни и извршни), се уредуваат статусните промени и се појаснуваат основите и постапките за престанок и забрана за работа.

Една од новините за кои граѓанските организации беа посебно заинтересирани е воведувањето статус на организации од јавен интерес. Овој статус ќе донесе одредени предности за здруженијата и фондациите (на пр. даночни олеснувања, подобар имиџ во јавноста, препознатливост дека истите работат за пошироката заедница и во области важни за општеството и сл.). Меѓутоа организациите со статус од јавен интерес ќе имаат обврска и за поголема отчетност и повисоки стандарди за управување во споредба со другите организации.  

Исто така министерот Маневски ги спомна и подобрата усогласеност со регистрите во Централниот регистар, потоа подобрената основа за финансирање на здруженијата и фондациите, како и бесплатната пререгистрација која што треба да следува со стапувањето во сила на законот.

Сашо Клековски, Извршен директор на МЦМС и член на работната група, го оцени  предлог-Законот за здруженија и фондации, како многу подобар во однос на претходниот закон и како значаен напредок во постигнување на целите како проширување на слобода здружување, поедноставување на управување итн. Тој ја потенцираше заложбата на Министерството за правда во процесот на подготовка на законот. Според него, потребно е  подобрување на некои одредби за целосно постигнување на целите и постигнување на највисоки меѓународни стандарди.

Граѓанските организации расправаа за предлог-Законот за здруженија и фондации

Ана Медарска од ФИООМ исто така член на работната група, ја истакна важноста од вклучувањето на граѓанските организации во работната група, како и најголемиот дел од новините кои ги предвидува предлог-Законот, но исто така се осврна и на неколку недостатоци за кои што смета дека е важно да се надминат. Според неа намалена е улогата на организациите како креатори на јавните политики и истата треба да биде потенцирана со реформулација на предложената одредба, а дел од предложените решенија се ограничувачки за помалите организации (како на пример задолжителност за објавување на извештаи на веб страници, задолжителен надзорен одбор за сите организации и сл.). Дел од забелешките се однесуваа и на статусот од јавен интерес особено на критериумите и постапката за доделување на статусот.

Звонко Шавревски од Полио плус ја нагласи потребата од усогласување на Законот за инвалидските организации со Законот за здруженија и фондации бидејќи првиот е многу порестриктивен во областа на слободата на здружување.

Никица Кусеникова од Конект посочи дека треба да се води сметка и за помалите организации кои со одредени одредби се ставени во понеповолна позиција, како што е примерот со некои од критериумите за стекнување со статус на организација од јавен интерес.
На расправата присуствуваа околу 50 претставници од: граѓанските организации, медиумите, пратеници во Собранието на Република Македонија и од меѓународни организации.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Граѓанските организации расправаа за предлог-Законот за здруженија и фондации