Нова проценка на состојбата во граѓанското општество |
Сабота, 07 ноември 2009 14:03 | |||
Советодавниот комитет на Цивикус – Индексот на граѓанското општество го одржа својот прв состанок на 4 ноември 2009 година. Членовите на Комитетот имаа можност да слушнат повеќе информации за овој акциско-истражувачки проект кој ја проценува состојбата со граѓанското општество во земјите во светот. Тие низ дискусијата ги одредија најважните општествени и политички прашања во Македонија, темите за кои ќе се направат прикази на случај и клучните личности со кои ќе бидат направени интервјуа во подоцнежните фази на истражувањето. Дел од дискусијата беше посветена на дефиницијата на граѓанското општество што ќе се користи за истражувањето, како и на категориите граѓански организации. Членовите на Советодавниот комитет ја направија првичната проценка на граѓанското општество преку оценка на поддимензиите: граѓански ангажман, ниво на организација, практикување вредности, перцепција на влијанието и надворешна околина. Овој акциско-истражувачки проект за прв пат беше спроведен во Македонија во периодот 2004 - 2006 година. Резултат од него е најсеопфатното истражување на граѓанското општество во Македонија направено до тогаш. Заради користењето на стандардна методологија, овозможено е да се споредуваат граѓанските општества во сите земји во кои се работи Индексот. Национален координатор на проектот за Македонија е МЦМС. Новото истражување се очекува да биде завршено до јули следната година.
|