Реакција: Платформата на граѓански организации за борба против корупција бара да се врати во функција порталот „Отворени финансии“ - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Реакција: Платформата на граѓански организации за борба против корупција бара да се врати во функција порталот „Отворени финансии“ PDF Печати Е-пошта
Понеделник, 26 август 2024 09:38

Платформата на граѓански организации за борба против корупција остро го осудува оневозможениот пристап на јавноста до информациите од Трезорот и бара итно да се врати во функција порталот „Отворени финансии“.

20190226 155809 platforma bpk

Платформата на граѓански организации за борба против корупција бара од Министерството за финансии да се овозможи непречен пристап, континуирано и навремено ажурирање на податоците на порталот „Отворени финансии“ и нивна достапност во отворен формат, како што и беше досегашната практика.

Порталот „Отворени финансии“ на кој се објавуваат податоците за реализација на трансакции на сите буџетски корисници на Буџетот на Република Северна Македонија, последен пат е ажуриран на 17.6.2024 година. Согласно преземените обврски во рамки на Партнерството за отворена власт и досегашната пракса, податоците на порталот се ажурираат два пати во текот на месецот, што значи дека повеќе од два месеци порталот не ја извршува својата функција.

За потсетување, воведување на порталот „Отворени финансии“ е една од најзначајните реформи со кои се унапредува проактивната транспарентност на државните институции. Како дел од Партнерството за отворена власт, оваа активност беше оценета како заложба со амбициозен дизајн и успешна имплементација која воведе исклучителни промени во институционалните практики.

Платформата ја потсетува Владата на Република Северна Македонија дека во предизборието беше ветено дека ќе се зголеми бројот на отворени податоци и нивно ажурирање. Со сегашната состојба на „Отворени финансии“, Платформата стравува дека процесот се движи во спротивна насока.

Со почит,
Платформа на граѓански организации за борба против корупција

Реакциајта можете да ја преземете тука:  Македонски | Албански


Поврзани:

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Реакција: Платформата на граѓански организации за борба против корупција бара да се врати во функција порталот „Отворени финансии“