„Превенцијата почнува со разговор“: училиштата и ЛСП во Арачиново заеднички против насилството - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

„Превенцијата почнува со разговор“: училиштата и ЛСП во Арачиново заеднички против насилството PDF Печати Е-пошта
Понеделник, 26 октомври 2026 16:59

Директорите и стручните работници од трите основни училишта во Арачиново, заедно со членовите на Локалниот совет за превенција (ЛСП), разговараа за можностите за поефикасна соработка во спречувањето на насилството меѓу учениците на работилница одржана на 22 октомври 2026 година. Работилницата ја организираа Општина Арачиново и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), а на неа учествуваа 22 лица. Покрај директорите, стручните работници од основните училишта, членовите на ЛСП, учествуваше и градоначалникот, претставници на администрацијата и на Советот на општината.

viber image 2026 10 26 11 56 36 010 MCMS

Целта на средбата беше да се разјаснат улогите и одговорностите на различните чинители, да се поттикне комуникацијата и координацијата на клучните чинители за навремена заштита на учениците.

Градоначалникот на Арачиново, Даут Беќири, ја истакна потребата општината, училиштата и пошироката заедница заеднички да дејствуваат во спречувањето на насилството. И претседателката на Советот на Општина Арачиново, Рита Синани Халими, нагласи дека институциите не треба да се поврзуваат само кога ќе се случи инцидент, туку да соработуваат континуирано за навремено да ги препознаваат и спречат ризиците. „Превенцијата почнува со еден разговор“, посочи Халими, нагласувајќи го значењето на ваквите средби за зајакнување на соработката меѓу училиштата и локалните институции.

На значењето на локалниот пристап се осврна и Гонце Јаковлеска, проектен координатор од МЦМС која истакна дека ЛСП е важен механизам за поврзување на чинителите преку кој може да се олесни комуникацијата меѓу училиштата и надлежните институции. Осврнувајќи се на истражувањето „Disrupting Harm in North Macedonia“ на УНИЦЕФ, Јаковлеска ја нагласи важноста на пријавувањето и институционалното постапување. Според истражувањето, 88 % од децата што доживеале сексуална експлоатација или злоупотреба овозможена преку технологија му кажале некому за своето искуство, но помалку од 1 % побарале помош преку формални канали за пријавување. „Ние денеска имаме одлична прилика тој еден процент да го зголемиме“, истакна Јаковлеска, посочувајќи ја можноста преку соработката меѓу училиштата, ЛСП и надлежните институции да се гради свест и култура за пријавување на насилството.

viber image 2026 10 26 11 56 36 109 MCMS

Работниот дел го водеше Дренуша Ника. Преку интерактивна вежба, учесниците ги претставија своите улоги, очекувањата од средбата и пречките што ги препознаваат во меѓусебната соработка. Нивните согледувања, запишани на хартија, послужија како основа за понатамошната дискусија за институционалните одговорности и координацијата меѓу нив.

Еден дел од работилницата беше посветен на обврските на училиштата што произлегуваат од Правилникот за начинот на пријавување и заштита на ученик-жртва на која било од формите на насилство, злоупотреба и занемарување, што Министерството за образование и наука го донесе во 2025 година. Се разговараше за примената на Правилникот преку интерните акти на училиштата, различните форми на насилство, нивната категоризација во три нивоа според сериозноста, како и за соодветните процедури за пријавување, документирање и постапување.

Посебно внимание беше посветено на заедничката одговорност на сите вработени во училиштето за препознавање и пријавување на насилство или сомневање за насилство, како и на обезбедувањето анонимен канал за пријавување. Преку симулирани случаи, учесниците разгледуваа како треба да се постапува, кого треба да известат и кога е потребно вклучување на родителите, центрите за социјална работа и полицијата.

viber image 2026 10 26 11 56 36 245 MCMS

Дискусијата потоа се насочи кон улогата на ЛСП во препознавањето на ризиците и поттикнувањето заеднички превентивни активности на локално ниво. Беа разгледани начините на кои Советот може да прибира и разменува релевантни информации, да ги идентификува проблемите и да предлага мерки во рамките на институционалните надлежности.

Преку практични примери, учесниците разгледуваа кои ситуации можат да се решаваат во рамките на училиштата, а кои бараат поширока институционална соработка. Се разговараше и за препознавањето и мапирањето на ризиците во училишната средина, како и за улогата на различните институции во нивното надминување. Како пример за координирано превентивно дејствување беше претставен и данскиот модел на соработка меѓу училиштата, социјалните служби и полицијата.

Учесниците на работилницата се договорија темата за спречување на насилството во училиштата да продолжи да се разгледува на следниот состанок на ЛСП во Арачиново, со посебен осврт на предизвиците поврзани со спроведувањето на Правилникот, механизмите за пријавување и заштитата на учениците.

Работилницата е дел од програмата „Рехабилитација за отпорност: патот напред“, поддржана од Глобалниот фонд за ангажман и отпорност на заедниците (ГЦЕРФ). Покрај МЦМС, програмата ја спроведуваат и Центарот за заедничка основа (ЦЗО) и Отворена порта - Ла Страда.


Поврзани:

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести „Превенцијата почнува со разговор“: училиштата и ЛСП во Арачиново заеднички против насилството