Финансирањето на граѓанските организации од општинските буџети најмногу фокусирано на спортските здруженија - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Финансирањето на граѓанските организации од општинските буџети најмногу фокусирано на спортските здруженија PDF Печати Е-пошта
Четврток, 22 август 2024 08:06

Во 2023 г. приходите на граѓанските организации од буџетите на општините изнесувале 290.577.941 денари, односно околу 4,7 милиони евра. Ова го покажа анализата на Македонскиот центар за меѓународна соработка, направена врз основа на информациите добиени од 78 општини и градот Скопје. Податоците се собрани преку барања за пристап до информации од јавен карактер кои беа испратени до сите 80 општини и градот Скопје. Од нив беше побарано да информираат за висината на исплатените средствата од буџетската ставка 463 – трансфери до невладини организации и/или од друга буџетска ставка за 2023 година. Повратен одговор не стигна од општините Охрид и Долнени.

Mcms Infografik 3

Согласно добиените податоци, најмногу средства за граѓанските организации, имаат доделено општините во Југоисточниот регион. Имено, за активностите кои ги спроведуваат граѓанските организации општините (Богданци, Босилово, Валандово, Василево, Дојран, Конче, Ново Село, Радовиш, Струмица и Гевгелија) издвоиле 88.825.290 денари. Најмногу средства од овој регион се доделени од Општина Струмица (42.068.457 денари) додека најмалку од Општина Ново Село (260.000 денари). Од вкупно доделените средства од Општина Струмица околу 11,9 милиони денари се доделени на спортски здруженија и организации, додека околу 15 милиони денари се за здруженија во музичката и кинотечната дејност.

Општините од Источниот регион (Берово, Виница, Делчево, Зрновци, Карбинци, Кочани, Македонска Каменица, Пехчево, Пробиштип, Чешиново-Облешево и Штип) за реализација на активностите на граѓанските организации доделиле 40.587.940 денари. Општина Штип реализирала најголема финансиска поддршка за граѓанските организации во висина на 16.260.100 денари, од кои околу 14 милиони денари се за спортски здруженија и организации. Најмалку средства од овој регион доделила Општина Пехчево (17.000 денари), додека Општина Зрновци не извести дека не доделиле средства за граѓански организации.

Општините од Североисточниот регион (Кратово, Крива Паланка, Куманово, Липково, Ранковце и Старо Нагоричане) за активностите на граѓанските организации успеале да издвојат 34.979.605 денари. Општина Куманово, од својот буџет за 2023 година издвоила 26.080.000 денари, од кои 19.5 милиони денари се за активности поврзани со спортските здруженија и организации. Најмалку средства од овој регион доделила Општина Старо Нагоричане (110.000 денари).

MCMS Infografik 02

Општините во Вардарскиот регион за активностите на граѓанските организации доделиле 49.374.060 денари што го прави регионот втор по висина на доделени средства. Од деветте општини кои го сочинуваат Вардарскиот регион (Велес, Градско, Демир Капија, Кавадарци, Лозово, Неготино, Росоман, Свети Николе и Чашка), најмногу средства за граѓанските организации издвоила Општина Кавадарци 34.382.700 додека најмалку Општина Лозово (180.000 денари). Од вкупно доделените средства од Општина Кавадарци, околу 30 милиони денари се доделени на спортски здруженија и организации. Општина Росоман извести дека не доделила средства за граѓанските организации.

Скопскиот регион (Аеродром, Арачиново, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Зелениково, Илинден, Карпош, Кисела Вода, Петровец, Сарај, Скопје, Сопиште, Студеничани, Центар, Чаир, Чучер-Сандево и Шуто Оризари) е на трето место по средствата доделени за граѓански организации (41.979.517 денари). Општина Центар има доделени најмногу средства за граѓански организации во износ од 15.210.000 денари, од кои 11,6 милиони денари се за спортски здруженија и организации. Најмалку средства за граѓански здруженија доделила Општина Студеничани (35.938 денари). Општините Кисела Вода, Петровец, Сопиште, Чаир, Шуто Оризари одговорија дека во 2023 година не доделиле средства за граѓанските организации. Иста е ситуацијата и со Градот Скопје, од каде не известија дека не обезбедиле средства за поддршка на активностите на граѓанските организации минатата година.

MCMS Infografik 01

Општините во Пелагонискиот регион (Битола, Демир Хисар, Долнени, Кривогаштани, Крушево, Могила, Новаци, Прилеп и Ресен) успеале да издвојат 24.619.793 денари за активностите на граѓанските организации. Најмногу средства се издвоени од Општина Новаци и тоа 9.979.516 денари од кои околу 9 милиони за спортски здруженија и организации. Од овој регион, најмалку средства доделила Општина Кривогаштани (161.000 денари).

Општините во Полошкиот регион (Боговиње, Брвеница, Врапчиште, Гостивар, Желино, Јегуновце, Маврово и Ростуше, Теарце и Тетово) минатата година успеале да издвојат 12.175.728 денари за активностите на граѓанските организации. Најмногу средства издвоила Општина Тетово 5.164.500 денари, додека најмалку Општина Јегуновце (73.600 денари). И во овој регион, најмногу средства добиле организациите кои се занимаваат со спорт и културни дејности.

Согласно добиените податоци, најмалку средства за активностите на граѓанските организации, имаат доделено општините во Југозападниот регион (9.036.000 денари). Податокот за овој регион е нецелосен бидејќи Општина Охрид не достави одговор на бараната информација, иако доделува значајна сума од буџетската ставка 463 – трансфери до невладини организации. Од овој регион, најмногу средства издвоила Општина Кичево 4.595.000 денари, додека најмалку Општина Центар Жупа (73.600 денари).

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Финансирањето на граѓанските организации од општинските буџети најмногу фокусирано на спортските здруженија