Државното финансирање на ГО е инвестиција која повеќекратно ќе се враќа - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Државното финансирање на ГО е инвестиција која повеќекратно ќе се враќа PDF Печати Е-пошта
Среда, 22 мај 2019 16:11

Премиерот Зоран Заев на денешната (22.5.2019 год.) конференција на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) ја потврди политичката волја за подобрување на моделот на државно финансирање. Тој истакна дека Владата веќе презема чекори и очекувањата се дека по дискусиите со граѓанските организации  кои се планирани многу брзо, тој модел би се финализирал веќе во септември оваа година. Премиерот истакна дека со притисокот на граѓанските организации и јавноста за транспарентно работење на Владата и институциите во 2018 година имаме заштеда од околу 100 милиони евра во буџетот на државата. „Доброто управување заедно со транспарентноста може да алоцира средства за јакнење на граѓанските организации коишто неколкукратно ќе ги вратат назад во буџетот“, додаде тој.

VIK 6585 2

 

Борис Копривникар, поранешен министер за Јавна администрација и потпретседател на Владата на Република Словенија (2014-2018), го сподели нивниот модел на државно финансирање. Тој одговори на најчестото прашање: зошто граѓанските организации да се финансираат од државниот буџет? „Организациите го зголемуваат општествениот придонес, ги поддржуваат јавните услуги и се коректори на политичките одлуки. Тоа значи дека финансирањето не се сфаќа како донација, туку како плаќање за добрите услуги кои ГО ги вршат“, рече Копривникар.

За искуството од Романија и подетално за романската фондација за развој на граѓанското општество говореше нејзиниот директор, Jонут Сибиан. Тој стави акцент на потребата од институција ослободена од политичко влијание, како и на важноста на комплементарното локално финансирање кое го растеретува притисокот врз државата, а од друга страна посочи дека половина од државните социјални услуги ги спроведуваат граѓански организации што е голема заштеда за државата.

Министерката за правда, Рената Дескоска, се осврна на улогата на Министерството по ова прашање со оглед на тоа што е одговорната институција за спроведување на Законот за здруженија и фондации и ја потврди отвореноста на Владата за соработка. Според нејзе, полиитчката волја постои, а одржливоста на граѓанскиот сектор покрај дирекната финансиска поддршка зависи и од индиректната поддршка, односно подобрување и на други сегменти од законската и даночната рамка. За таа цел, меѓу другото  Министерството веќе соработува со граѓански организации за измени и дополнувања во Законос за донации и спонзорства во јавните дејности. За Ирена Иванова од Делегацијата на ЕУ, организациите веќе треба да размислуваат за наредната скала во процесот, односно воведувањето на критериумите за квалитет и стандардизација.

Фани Каранфилова-Пановска, претседателка на Совет за соработка со и развој на граѓанскиот сектор и директор на ФООМ; ја потенцираше улогата на Советот во поттикнувањето на непречен развој на граѓанското општество. „Она што нас треба повеќе да не интересира е како државните механизми и распределбата на средства нема да влијаат на интегритетот на граѓанските организации, а истовремено да ја осигураат нашата одржливост“, додаде таа.

Емина Нурединоска од МЦМС ги сподели податоците за периодот од 2006 до 2019 година, со што јасно се гледа растот на средствата и подобрувањето на климата за граѓанските организации, иако тие остануваат незначителни споредено со регионалните практики. Таа истакна дека, целите на подобрениот реформираниот модел за државно финансирање на граѓанските организации треба да се однесуваат на:  зголемување на висината на средства наменети за финансирање на ГО; обезбедување институционална поддршка за граѓанските организации; обезбедување кофинансирање на активностите кои се поддржани од други донатори; напуштање на праксата на едногодишно и неизвесно финансирање, и градење свесност и пракса за повеќе годишни организациска и проктна поддршка; зголемена висина на индивидуалните грантови; унапредување на транспарентноста, ефективноста и отчетноста на постапката на дистрибуирање на средствата; зголемена отчетност и транспарентност на граѓанските организации за потрошените средства доделени од страна на државата, но и општо во нивното работење; обезбедување соодветна географска распределба на поддршката од државата за граѓанските организации.

 


Поврзани:

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Државното финансирање на ГО е инвестиција која повеќекратно ќе се враќа