Граѓанскиот сектор има капацитет да придонесе кон поквалитетни закони - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Граѓанскиот сектор има капацитет да придонесе кон поквалитетни закони PDF Печати Е-пошта
Среда, 29 мај 2019 15:06

20180528 NF sobranie 1Редовна и интензивна соработка, поедноставување на процедурите за граѓанските иницијативи, ажурирани листи за комуникација со граѓанските организации, поголема информираност и почести редовни средби со граѓанските организации беа главните заклучоци на Националниот форум на Цивика мобилитас „Соработката помеѓу Собранието и граѓанските организации“ кој се одржа на 28 мај 2019 година. 

Над 120 пратеници и претставници на граѓанските организации присуствуваа на дискусијата која ги рефлектираше досегашните искуства од соработката а ги постави и идните перспективи. 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, го отвори настанот истакнувајќи го напредокот на Собранието во отвореноста кон граѓаните и здруженијата. „Собранието, во овој мандат, покажа дека е отворено за секоја иницијатива која доаѓа од граѓанскиот сектор. Можеби имаме потреба од поефикасно канализирање на тие предлози и иницијативи, како и нивна имплементација“, додаде тој.

Амбасадорката на Швајцарија, Н.Е. Сибил Сутер Тејада, го поздрави развојот кој граѓанското општество го направи изминатиот период и стана важен играч и клучен партнер во владините реформи. „Се надевам дека овој позитивен тренд ќе биде проследен и со други мерки како што се финансиската поддршка на граѓанското општество и транспарентното доделување на фондовите“, рече таа.

Јован Митрески и Никола Мицевски, координатори на пратеничките групи на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, ја искажаа нивната перспектива на соработката и очекувањата дека граѓанските организации ќе бидат уште повеќе вклучени во реформите кои претстојат како дел од пристапниот процес кон ЕУ. Тие беа согласни дека механизмите за соработка не се целосно искористени, а во подготовка се промени кои ќе отворат поголем простор за учество.

20180528 NF Sobranie 2

Пратеничките Слаѓана Митевска, Ивана Туферџиќ, Јулијана Николова и Шпреса Хадри ги истакнаа примерите на соработка со граѓанските организации. Меѓу нив како најзначајни беа спомнати ратификувањето на Истанбулската конвенција, Законот за прекинување на бременоста, Законот за спречување и заштита од дискриминација, Законот за спречување корупција и судир на интереси, како и постапката за избор на новите членови на ДКСК. За нив, од особена важност се обуките, работилниците, студиските посети и слични настани кои им помагаат да се запознаат подобро со проблемите на граѓаните и да делуваат соодветно.

Влора Речица од ИДСЦС, Ирена Цветковиќ од Коалиција Маргини и Сретен Коцески од ИРЗ Тетово, ја претставија борбата на граѓанскиот сектор за да биде слушнат од страна на законодавната власт. Тие ги споделија нивните искуства при изработка на Блупринт документот за итните реформи, Законот за локална самоуправа и за основањето на интерпартиската парламентарна група за ЛГБТИ. Покрај успесите, беа спомнати и препреките кои се поставуваат пред здруженијата и ја отежнуваат соработката и комуникацијата со оваа институција.

Во текот на дискусијата токму комуникацијата беше истакната како клучна точка за подобрување и беше побарано истата да се институционализира. Освен тоа, беше утврдено дека има потреба од воспоставување редовна пракса за вклучување на здруженијата во работата на собраниските комисии

Ваквата средба се покажа како добар формат за соочување и дискутирање помеѓу двете страни, по што Џафери порача дека може да се претвори во редовна пракса и да се одржува барем еднаш годишно.

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Граѓанскиот сектор има капацитет да придонесе кон поквалитетни закони