Здравственото осигурување треба да покрива и услуги од приватното здравство - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Здравственото осигурување треба да покрива и услуги од приватното здравство PDF Печати Е-пошта
Четврток, 21 декември 2017 15:45

Најголем број од граѓаните (33,8%) со добар три ја оцениле состојбата во јавното задравство во Македонија, покажа најновото истражување на МЦМС и Телевизија Телма посветено на перцепциите на граѓаните за јавното здравство. Речиси идентичен е процентот на оние што го оцениле со 4 или 5 и оние што го оцениле со 1 и 2. 

moj termin anketa 2017

Над 60% од граѓаните ја користеле услугата „Мој термин“ во последните 12 месеци. Најголем број од испитаниците (19,2%) рекле дека успеале да закажат за помалку од три дена. За екстремот на другата страна од оската, „за повеќе од шест месеци“ се изјасниле 2,4% од испитаниците. За речиси половината од испитаниците (49,1%) закажаниот термин бил навремен, додека за 22,5% бил задоцнет. Самата услуга, најголем број од испитаниците што дале оценка, ја оцениле со највисока оценка (22,3%), а најниска оценка дале вкупно 10,7% од граѓаните. 

И покрај високите оценки за услугата „Мој термин“, вкупно 68,2% од испитаниците потполно или донекаде се согласуваат со изјавата дека не може да се закаже преглед кај специјалист доколку нема познат, односно врски во јавното здравство.

Мнозинство од граѓаните (67,4%) сепак сметаат дека приватниот здравствен сектор нуди поквалитетни услуги и повисока професионалност, но, според речиси 62% од испитаниците тој е недостапен заради високите цени. Големо мнозинство, односно 91,0% од испитаниците сметаат дека здравственото осигурување треба да покрива и услуги од приватното здравство.

Што се однесува до достапноста на лековите од позитивната листа, побројни се испитаниците кои сметаат дека тие лекови се достапни постојано (57,7%).

Најголем број од граѓаните (38,6%) сметаат дека јавното здравство малку се грижи за лицата со ретки болести. Покрај тоа, мнозинството од од испитаниците сметаат дека лицата со хендикеп не се третираат соодветно во јавното здравство и дека јавните здравствени установи во Македонија не се прилагодени за лица со хендикеп. Ова се однесува и на јавните здравствени услуги кои, смета мнозинството, не се прилагодени за лицата со хендикеп.

За МЦМС и Телма, анкетата ја спроведе М-проспект. Податоците за последната анкета беа прибирани со телефонска анкета во периодот од 11 до 18 декември 2017 година. Анкетата е спроведена на национален репрезентативен примерок од 1000 испитаници. Истражувањето е дел од проектот „Топ тема на ваша страна“, што го поддржа УСАИД.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Здравственото осигурување треба да покрива и услуги од приватното здравство