Граѓанските организации и бегалската криза - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Граѓанските организации и бегалската криза PDF Печати Е-пошта
Вторник, 24 ноември 2015 16:34

„Граѓанските организации имаат значајна улога во поддршката и помошта за бегалците, тие со своите активности се пример за справување со бегалската криза“, рече Мохамед Ариф, претставник на УНХЦР во Република Македонија на семинарот на тема „Актуелни миграциски текови и одговорот на бегалската криза“ што се одржа на 20 ноември 2015 година во ЕУ Инфо центарот во Скопје. Тој истакна дека е потребно да се воспостави систем за разликување на економските мигранти и бегалците кои доаѓаат од воените подрачја. Ариф апелираше да не се заборави човечката димензија на овој глобален проблем. „Решение е неопходно, а затворањето на границите не е цивилизиран начин за решавање на проблемот“, истакна тој.

Actual migration route and response to the refugee crisis  063

За практичната поддршка на граѓанските организации во бегалската криза и искуствата на локалните организации зборуваше Александар Кржаловски, првиот извршен директор на МЦМС. Според него Македонија добро се справува со бегалската криза, адекватно ги користи своите ресурси, а клучна е координацијата помеѓу сите вклучени актери. „Предизвик за Македонија ќе бидат економските мигранти кои сега не се пропуштаат“, рече Кржаловски.

И Јаромир Левичек, претставник на Делегацијата на ЕУ во Македонија, ја потенцираше улогата на граѓанското општество во справувањето со бегалската криза. „Организациите лобираа за правната регулатива за бегалците, го набљудуваа почитувањето на основните човекови права, а голема е поддршката и во пружањето медицинска  и хуманитарна помош“, рече тој. „Повеќе од милијарда долари се мобилизирани за справување со мигрантската криза. Сметам дека има простор да се зголеми улогата на граѓанското општество“, рече Левичек.

Низ рутата на Западен Балкан најголем дел од бегалците и мигрантите доаѓаат од Сирија (62%), од Авганистан (22%), Ирак (8%) и Пакистан и Иран (2%) информираше Соња Божиновска од Меѓународната организација за миграција (ИОМ). Таа потенцираше бројот на лицата во движење во последните три месеци е зголемен заради наближувањето на зимскиот период и разгорувањето на кризата во Блискиот Исток. Рутата на Западен Балкан ќе остане алтернатива и во следниот период.

Actual migration route and response to the refugee crisis  074

Според УНХЦР, во првите 15 дена од ноември, во Македонија во просек пристигале по 6.000 бегалци во 24 часа. Ова ја наметнува потребата од подобрување на сместувачките капацитети во прифатните, транзитни центри на граничните премини Гевгелија и Табановце, особено заради доаѓањето на зимата. МЦМС ќе обезбеди непрехрамбени продукти и ќе работи на подобрување на инфраструктурата во транзитните центри за зимските услови.

Актуелната бегалска криза е најголемиот хуманитарен случај на нашата ера. Во УНХЦР очекуваат дека бројката ќе достигне до четири милиони бегалци, а кризата ќе биде реалност уште долго време. Бегалците поминуваат низ најмалку шест држави за да дојдат до посакуваната дестинација. Досега во Република Македонија 70 бегалци побарале признавање на правото на азил.

Учесниците се интересираа дали Македонија има соодветни капацитети за подолг престој на мигрантите, како ќе се прави дистинкција помеѓу економски мигранти и бегалците и дали Македонија ќе треба да ги депортира мигрантите кои се на нејзинта граница.

Семинарот го организираа ТАКСО ресурсниот центар воден од Македонскиот центар за меѓународна соработка и Македонската канцеларија на проектот ТАКСО. Целта на семинарот беше да се информираат граѓанските организации за развојот на актуелните миграциски текови за преземените чекори за надминување на кризните состојби, за активните клучни фактори, нивните улоги и координација за добиената поддршка за справување со бегалската криза.

Марија Милкова - Центар за управување со кризи

Јаромир Левичек , Делегација на ЕУ

Сузана Тунева - Пауновска - Црвен Крст на РМ

Блаже Којчевски - УНХЦР

Мохамед Ариф - УНХЦР

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Граѓанските организации и бегалската криза