МИА: Црквите и верските заедници со висока и стабилна доверба,според истражување на МЦМС |
Четврток, 04 декември 2008 14:52 | |||
Oпштата доверба во црквите и верските заедници е стабилна и со 65,6 проценти е на исто ниво како и минатата година. Таа е поголема кај граѓаните со пониско образование. Свештените лица имаат доверба од 54 отсто. Тоа го посочуваат резултатите од истражувањето на општата доверба, довербата во институциите и во граѓанското општество што по трет пат го спроведе Македонскиот центар за меѓународна соработка. Во соопштението од МЦМС се наведува оти е забележителна висока доверба во своите верски заедници - на етничките Македонци во МПЦ, на етничките Албанци во ИВЗ. МПЦ е со мнозинска доверба од 53 проценти. Сите цркви и верски заедници имаат висока доверба кај претпоставените приврзаници (верници, членови). Довербата е изразена кај сличните - во МПЦ имаат висока доверба од 70 отсто етничките Македонци, а во ИВЗ висока доверба од 77 отсто од етничките Албанци. Според МЦМС, дел од резултатите од истражувањето можат да се толкуваат и како недоверба во различните и можна верска нетолеранција, со оглед дека МПЦ има доверба од 11 отсто меѓу етничките Албанци, а ИВЗ има доверба од 22 проценти меѓу етничките Македонци. - Малобројните цркви и заедници како Католичката, Методистичката и Еврејската имаат доверба од околу 21 отсто. Иако довербата многукратно го надминува бројот на членови на наведените цркви и заедници, сепак големо мнозинство граѓани од околу 79 проценти искажуваат недоверба кон малобројните цркви и верски заедници. Овие податоци може да укажуваат на верска нетолеранција. Ова е поткрепено и со 30,6 проценти од граѓаните кои не сакаат сосед од друго верско убедување, се наведува во соопштението од МЦМС. Извор: МИА (03.12.2008)
|