Време: „Кажи Македонија“ во мај се сели во Стразбур - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Време: „Кажи Македонија“ во мај се сели во Стразбур PDF Печати Е-пошта
Петок, 30 април 2004 01:00

Претставници на невладиниот сектор што ја организираа кампањата „Кажи Македонија“ во текот на мај ќе се сретнат со европски политичари во седиштето на Советот на Европа, во Стразбур.

- Планот е да ги свикаме нашите невладини организации и да ги информираме за активностите што ги презедовме во Советот на Европа за прашањето за името. Конкретно, за нив договоривме средба во мај во Советот на Европа, за која треба да се прецизира датумот - изјави Еленора Петрова, шефица на македонската парламентарна делегација што присуствуваше на почетокот од пролетната сесија на Парламентарното собрание на Советот. Идејата е кампањата да заврши во Стразбур, од каде што протече упатството за преименување на Македонија за потребите на администрацијата на Советот на Европа.

- Одѕивот на „Кажи Македонија“ во македонската јавност покажува дека овој проблем, иако не е силно изразен, сепак го боли народот. Едновремено тој создава и обврска да се продолжат активностите - вели Сашо Клековски, извршени директор на Меѓународниот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

Така размислуваат и во другите невладини организации, според кои нивото што се постигна со оваа кампања државата ќе треба понатаму да го одржи со тоа што повеќе ќе се ангажира и ќе инвестира во надминувањето на спорот за името на земјава.

- Во мај ќе организираме дебата, на која ќе присуствуваат експертите и медиумите. Во следните месеци, а веројатно и следната година, ќе ги продолжиме афирмативните активности затоа што сметаме, а и се покажа, дека ова прашање сепак е горко за граѓаните, ги погодува и реагираат на него - рече Клековски.

Реакцијата на граѓаните, како што сумираат невладините организации, беше одлична.

- Првата битка е добиена. Добивката од неа е на целата јавност. Нашата намера беше, пред се, насочена кон домашната јавност, реагиравме брзо и за кратко време граѓаните се мобилизираа во силен одѕив - вели Пеце Талевски, директор на граѓанската асоцијација „ОХО“.

Но, ова не е ниту еднонасочна, ниту единечна акција, која ја води цивилниот сектор. Државата, како што оценува Талевски, покажа дека е заспана, бавно реагира и треба тоа да го коригира, но и треба сериозно да поработи на целите и на стратегиите со кои ќе ги решава децениски отворените прашања.

Во следниот период невладиниот сектор најави меѓусебна координација за допрецизирање на повеќемесечните активности со кои ќе се настапува во јавноста.

Македонските пратеници, пак, најавија дека во Советот на Европа ќе се подготви резолуција за употреба на името Република Македонија во таа институција, која се очекува да биде усвоена на наредната седница на Парламентарното собрание.

- Самите заклучија дека е смешно и навредливо ова што се случува со името на Македонија. Затоа се договоривме да се подготви резолуција на Советот на Европа за употреба на името Република Македонија во таа институција, а спорот на Грците со Македонија да се решава во ОН. Во Советот има клима за ова и се надеваме дека на следната сесија оваа резолуција ќе биде усвоена - рече пратеничката Петрова.

Извор: Време (30.април.2004)

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност МЦМС во медиумите Време: „Кажи Македонија“ во мај се сели во Стразбур