Време: Истражувањето не е политичко, туку општествено |
Четврток, 07 Февруари 2008 01:00 | |||
Објавеното истражување има друга намена и апелираме политичките партии да не го злоупотребуваат, се вели во реакцијата на Македонскиот центар за меѓународна соработка. По завчерашната изјава на координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јани Макрадули, во која посочува дека рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ драстично опаднал на 19 проценти, во МЦМС појаснуваат дека целта на извештајот е општествената одговорност на граѓаните. Воопшто не се поставени прашања за рејтинг на политички партии или за изјаснување во случај на избори. Одговорите на прашањето „Која политичка партија ја чувствувате како своја?“ не се дел од главниот текст, туку во прилог на примерокот и не може да се спореди со прашањето „За која партија би гласале?“. Инаку, според истражувањето на прашањето на МЦМС, „Која политичка партија ја чувствувате како своја?“ - 19,3 проценти од испитаниците ја одбрале ВМРО-ДПМНЕ, 13 проценти СДСМ, а дури 44,8 проценти од анкетираните не избрале ниту една опција. Теренската анкета ја спровел Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во декември 2007 година. Извор: Време (7.Февруари.2008)
|