Време: ВИЗНОТО ОЛЕСНУВАЊЕ ПОД ЛУПА |
Понеделник, 23 јуни 2008 01:00 | |||
Амбасадите на Германија и на Италија се меѓу дипломатските претставништва во земјава што најчесто ја кршат Спогодбата за визно олеснување и не ја почитуваат процедурата за олеснет визен режим меѓу Македонија и членките на Европската унија. Овие две амбасади се посочени од граѓаните, кои на отворената инфолинија од Македонскиот центар за меѓународна соработка ги соопштуваа сите проблеми на кои наишле по аплицирањето за визи. Од МЦМС велат дека граѓаните малку знаат за олеснувањата што се воведени меѓу Македонија и Европската унија, за влез во земјите од шенген-зоната. За надминување на сите непознаници, потребно е на граѓаните да им се објасни дека Спогодбата не значи укинување на визите, туку претставува еден вид олеснување при нивното патување во земјите од Унијата. - Најчестите забелешки на граѓаните се однесуваат на временскиот рок за аплицирање и добивање на визата, и дека, доколку тие се одбиени, амбасадата не им дава никакво образложение за причината за нивното одбивање. Предмет на Спогодбата за олеснување се документите со кои се докажува целта на патувањето и со неа се опфатени речиси 80 проценти од граѓаните, кои се засегнати од визниот режим. Превозниците и граѓаните, кои одат на посета на роднини со легален престој во земјите на ЕУ, најчесто се жалат на неспроведување на визните олеснувања - вели Тања Хафнер Адеми, од Центарот за меѓународна соработка. Граѓаните што аплицираат за добивање виза се жалат дека амбасадите бараат и дополнителни документи кои не се предвидени со Спогодбата. Се прифаќале единствено оригиналните документи, иако, според Спогодбата, дозволени се и фотокопии, заверени кај нотар. - Конкурирав за добивање француска виза и амбасадата ми побара М1 и М2 обрасци, како доказ дека двајцата родители ми се вработени. Покрај тоа, ми побараа и увид во банкарските сметки на родителите - вели еден студент, кој аплицирал за добивање виза за студентски престој во Франција. Студентите се една од категоријата на граѓани за кои важи олеснетиот визен режим. Покрај нив, олеснувањата важат и за научни работници, новинари, бизнисмени, возачи, граѓански организации и религиозни групи. Овие денови се одржа и состанок на Комитетот за спроведување на визниот режим. На состанокот европските претставници се пожалиле дека некои македонски компании ја злоупотребуваат Спогодбата, со тоа што на туѓо име ги вадат транспортни дозволи, а некои од нив, фиктивно вработуваат граѓани, само за тие полесно да добијат виза. Спасот е во „балкански пасош“ Центарот за европска соработка завчера изнесе предлог балканските држави целосно да ги отворат границите и да се укинат визите меѓу државите од западен Балкан и да се воведе единствен „балкански пасош“ за Македонија, Србија, Хрватска, БИХ, Црна Гора и Косово. Извор: Време (23.јуни.2008)
|