Гласачки ставови и перцепции за актуелни политички случувања - ставови на јавноста |
Автори: Александар Кржаловски, Фанија Ивановска Во овој извештај се презентирани и анализирани ставовите на граѓаните во Македонија во однос на актуелните политички случувања во земјата, добиени преку испитувањето на јавното мислење во периодот од 15 ноември до 1 декември 2019 година, кое за МЦМС и ИДСЦС го спроведе агенцијата М-проспект. Истражувањето „Гласачки ставови и перцепции за актуелни политички случувања“ е составено од три дела: Моментални политички случувања во државата, Ставови во однос на изборниот процес и Доверба во политичарите и политичките партии. Анкетирањето на граѓаните е направено преку теренска анкета, на повеќеслоен стратификуван примерок од 1,000 испитаници постари од 18 години, национално репрезентативен според пол, возраст, етничка припадност, регион и место на живеење. Анкетирањето е правено на македонски и на албански јазик. Сите резултати се подложни на статистичка грешка од 3,1% со прифатливо ниво на доверба од 95%. Собраните податоци се обработени со честота и пропорција на одговорите. Резултатите се прикажани во графикони на ниво на целиот примерок. Освен со графикони, дел од податоците се прикажани и во табели, особено за значајните демографски фактори. |