Доделени грантови за зголемување на граѓанската вклученост во борбата против корупцијата |
Четврток, 31 октомври 2024 13:47 | |||
Дванаесет граѓански организации и нивните партнери се добитници на грант преку програмата „Граѓаните против корупцијата“, а ќе реализираат проекти насочени кон зголемување на транспарентноста, отчетноста и културата на интегритет, со посебен фокус на вклучување на граѓаните во борбата против корупцијата. Во следните две години овие проекти за вклучување на граѓаните во антикорупциските иницијативи ќе бидат реализирани од следните организации: 1. Институт за стратешки истражувања и едукација– ИСИЕ 2. Коалиција на здруженија на граѓани Сите за правично судење 3. Фондација за интернет и општество Метаморфозис во партнерство со Здружение за унапредување на новинарските практики Иновативни медиуми 4. Здружение Конект 5. Здружение Транспаренси интернешнл- Македонија во партнерство со ПИНА- Платформа за истражувачко новинарство и анализи 6. Здружение Центар за современа уметност и култура– АТО, Битола 7. Здружение за еколошко одржлив развој Зелен институт во партнерство со Здружение за одржлив социо- економски развој Изгрејсонце 8. Здружение Македонски центар за граѓанско образование МЦГО 9. Здружение на граѓани Полио плус– Пост полио група за поддршка во партнерство со ХОПС– Опции за здрав живот 10. Здружение на граѓани Македонска асоцијација за човечки ресурси 11. Здружение за одржлив развој Милиеуконтакт Македонија во партнерство со Здружение за развој, едукација и еколошка етика– Полимат 13, Богданци 12. Здружение Асоцијација за демократска иницијатива, Гостивар во партнерство со Здружение Форум Центар за стратешки истражувања и документација Со вкупен фонд од околу 40 милиони денари, овие организации ќе работат на проекти кои опфаќаат различни теми, вклучувајќи унапредување на отчетноста во високото образование, транспарентноста и мониторингот на судовите, борбата против корупцијата на локално ниво, зајакнување на приватниот сектор, како и подобрување на етичките стандарди во здравствениот сектор. Дел од проектите се насочени кон подигнување на свеста за корупцијата во животната средина, а вклучуваат и иновативни методи како театар, и ангажирање на младите како активни учесници и идни лидери во антикорупциските активности. Ќе се спроведат и иницијативи за поддршка на граѓаните во остварување на нивните права и охрабрување за пријавување на случаи на корупција. На овој повик за грантови, пристигнаа 62 апликации, од кои 59 успешно ја поминаа административната проверка и беа прифатени за понатамошна евалуација. По деталната оценка од страна на експертска комисија, беа избрани 12 предлог проекти кои се очекува да придонесат кон долгорочното зајакнување на антикорупциска култура и да го поттикнат граѓанскиот ангажман како основа за промени во различни сектори на општеството. На идните грантисти им честитаме за успешните проектни апликации и им посакуваме среќа и успешна реализација на проектните активности! Програмата „Граѓаните против корупцијата“ се реализира од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во партнерство со Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ - Скопје (ИДСЦС), Стопанската комора на Северна Македонија (СКСМ), 360 Степени, Истражувачка репортерска лабораторија Македонија (ИРЛ) и Балканската истражувачка репортерска мрежа Македонија (БИРН). Финансирана е од Американската агенција за меѓународен развој – УСАИД/Северна Македонија.
|