Антикорупциски форум во Тирана: Западен Балкан во фокусот на ЕУ интеграциите и борбата против корупцијата - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Антикорупциски форум во Тирана: Западен Балкан во фокусот на ЕУ интеграциите и борбата против корупцијата PDF Печати Е-пошта
Четврток, 10 октомври 2024 12:41

На 3 октомври 2024 година во Тирана Мрежата за лидерство и интегритет во Југоисточна Европа (СЕЛДИ)  го организираше Регионалниот форум за добро владеење и антикорупциски политики Справување со корупцијата и заробената држава – напредок во процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.

photo 1 MCMS

И покрај некои подобрувања, како што е благо зголемување на довербата на јавноста во владеењето на правото, корупцијата останува длабоко вкоренета во земјите од Западен Балкан. Владите во регионот сè уште се соочуваат со тешкотии во зајакнувањето на капацитетите и независноста на своите антикорупциски тела, додека влијанието на корупцијата ги поткопува нивните напори. Регионалната нестабилност и геополитичките случувања дополнително ја зајакнуваат корупцијата правејќи ја потешка за справување.

Регионалниот форум овозможи платформа за разгледување на најдобрите практики во борбата против корупцијата и ја нагласи потребата за соработка меѓу граѓанските организации, органите за спроведување на законот, бизнисите и меѓународните донатори. Главната точка на дискусијата беше порастот на сложените форми на корупција, како што се трговија со влијание, измами во јавни набавки и перење пари, што претставуваат транснационални феномени кои бараат координиран регионален одговор.

photo 4 MCMS

На форумот свои обраќања имаа претставници на Европската комисија, ЕУ Амбасадорот во Тирана, претставници на државни институции, како и преставници на антикорупциски агенции и граѓански организации од регионот. Валентира Суперти, Директор од Генералниот директорат на Европската комисија за соседство и преговори за проширување (ДГ НЕАР) ја потенцираше важноста за примена на пристапот заснован на мерит во моментумот на пристапување кон ЕУ. Европската комисија останува доследна во заложбите за владеење на правото како основни и најважни во целиот процес на ЕУ интеграции на земјите од регионот.

Форумот се фокусираше на зајакнување на улогата на граѓанските организации во застапувањето на доброто владеење и во следење на работата на институциите. Соработката меѓу граѓанските организации и останатите актери е од суштинско значење за зголемување на транспарентноста, споделување на искуства и знаење, и заедничка борба против корупцијата. Учесниците ја потенцираа важноста на вклучувањето на граѓанското општество во откривањето на коруптивни практики, во зголемување на јавната свест и во учеството во процесите на креирање на политики.

photo 2 MCMS

На регионалниот форум се презентираа и наодите на последниот Регионален извештај за антикорупција, како најзначајна алатка на СЕЛДИ за застапување. Претставници на партнерските организации од земјите од Западен Балкан ги презентираа наодите од Системот за следење на корупцијата, како и нивната улога во борбата против корупцијата. Претставникот на МЦМС, Снежана Камиловска Трповска ги презентираше активностите на програмата Граѓаните против корупцијата во насока на поттикнување на граѓаните да се вклучат во борбата против корупцијата. Се укажа на потребата за заедничко делување на сите засегнати страни во борбата против корупцијата и потребата од реална политичка волја за да се види позитивен исчекор во напорите.

Целите и дискусиите на форумот беа амбициозни, насочени кон решавање на критични прашања вклучувајќи како граѓанските организции можат да ги надминат предизвиците во промовирањето на добро владеење и следење на сомнителни случаи на корупција и перење пари, кои се можностите за зајакнување на соработката меѓу граѓанските организации, органите за спроведување на законот, приватниот сектор, медиумите, итн.

photo 3 MCMS

Форумот се заклучи со силен повик за зголемена регионална соработка, споделување на најдобри практики и поголемо учество на граѓанското општество во обликувањето на антикорупциските стратегии.

Форумот е организиран во рамки на програмата Регионална мрежа за антикорупција, спроведуван од мрежата СЕЛДИ и кооординиран од Македонскиот центар за меѓународна соработка.


Поврзани:

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Антикорупциски форум во Тирана: Западен Балкан во фокусот на ЕУ интеграциите и борбата против корупцијата