Покрај хуманитарна, потребна е и друга поддршка |
Среда, 02 март 2011 13:16 | |||
На 28 февруари и 1 март 2011 година, во Скопје, 25 претставници на граѓанските организации од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија, Хрватска и Црна Гора разговараа за предизвиците на граѓанските организации, како и потребите од овозможувачка околина во ситуации на конфликт и постконфликтниот период. Работилницата „Дејствување на граѓанските организации во ситуации на конфликт“ се одржа во рамките на глобалниот процес за ефективност на развојот на граѓанското општество во организација на МЦМС, БЦСДН, Цивикус и Опен форум. Конфликтите го менуваат фокусот на дејствувањето на постоечките граѓанските организации, истовремено поттикнувајќи го создавањето на нови граѓански здружувања. Принципите на почитување на човековите права, транспарентност и отчетност и работа со другите тешко се следат во ситуации на конфликт. Партнерствата и соработката меѓу граѓанските организации се уште побитни за време на конфликтите, но и потоа во градењето мир и јакнењето на довербата. Граѓанските организации имаа низа успешни и корисни активности за време и по конфликтите во поранешните југословенски републики насочени и кон итна помош на луѓето кои имаа потреба и кон нивното оспособување за живот по завршувањето на конфликтот. Сепак, најголеми предизвици за нив во времето, но и по конфликтот е обезбедувањето доверба од луѓето и сопственост на приоритетите во општеството. Не помалку важен предизвик е и овозможувањето безбедност и сигурност како на целната група, така и на активистите и вработени на граѓанските организации за време на конфликтот. Владите, донаторите и меѓународните организации треба веднаш по започнувањето на конфликтите да почнат со следење на почитувањето на човековите права, особено на новосоздадените малцинства. Донаторите покрај хуманитарната помош, треба да продолжат да ги поддржуваат и редовните активности на граѓанските организации во ситуации на конфликт, но и потоа. Често токму овие активности на граѓанските организации придонесуваат во решавање на конфликтот и помирувањето. Исто така потребно е и да се јакнат капацитетите на локалните заедници, за да бидат оспособени да продолжат да живеат во постконфликтниот период. Координацијата меѓу донаторите е неопходна за време на конфликтите, но и соработката меѓу нив, граѓанските организации и владата за да се овозможи ефективност на помошта. Граѓанските организации може и треба да бидат вклучени од страна на владите во процесите на постигнување решение на конфликтот и во креирањето стратегии и политики. Слободата на изразување, здружување и мирно собирање не смее да биде прекината.
|