Исламот и другите вери |
Автор: Исмаил Раџи ел-Фаруки Збирката трудови „Исламот и другите вери” од Исмаил Раџи ел - Фаруки е издание овозможено со програмата Меѓурелигиска соработка во Македонија (МСМ), во рамките на проектот Компаративни преводи. Издавањето на оваа публикација има за цел да ја подобри информираноста помеѓу верските заедници и религиозните групи во Македонија, како меѓу нив самите, така и кај пошироката јавност. Самата програма, а и конкретното издание, е резултат на интензивната и добра соработка помеѓу црквите и верските заедници во Македонија, особено членките на Управувачката група и на Издавачкиот совет на програмата: Македонската православна црква, Исламската верска заедница, Католичката црква, Евангелско-методистичката црква и Еврејската заедница. Тие го истакнаа изданието на Исмаил Раџи ел - Фаруки, како значајно за теологијата, но и како чекор кон подобро меѓусебно запознавање, соработка и почитување. „Исламот и другите вери” е дводецениска збирка на трудови на Ел – Фаруки во којашто е отсликан интересот, напорите и настојувањата на авторот да го доближи меѓуверскиот дијалог до пошироката јавност. Збирката содржи вкупно единаесет есеи, кои директно се занимаваат со другите вери, а особено со христијанството и со јудаизмот. Есеите ја покажуваат посветеноста на авторот на научниот живот и на меѓурелигискиот дијалог. Истакнатите ставови во збирката трудови „Исламот и другите вери” се поглед на авторот од перспектива на исламот кон другите религии, а нашата намера со издавањето на оваа публикација е да се придонесе во отворањето на просторот за дијалог и согледувањето на сличностите и разликите меѓу религиите. Издавањето е овозможено со финансиска поддршка од данската и од норвешката влада, во соработка со Данската црковна помош (ДЦА) и со Норвешката црковна помош (НЦА). |