Извештај за спроведувањето на Стратегијата за соработка на Владата со граѓанскиот сектор |
![]() |
![]() |
![]() |
Автор: Емина Нурединоска
Некои од заклучоците презентирани во Извештајот се: 1) Стратегијата за соработка на Владата со граѓанскиот сектор е во спроведување. Стратегијата има акциски план со предвидени мерки, активности, рокови и одговорни институции; 2) Реализирањето на активностите е различно. Во одредени области има значителен прогрес, во дел од нив има напредок, но исто така има и непроменета ситуација во однос на поставените цели; 3) Клучни постигнувања во овој период се: донесувањето на Законот за волонтерство во искучително партиципативен процес; вклучувањето на граѓанските организации во работните групи за формулација на закони и стратегии кои се релевантни за нивното работење; измените во Деловникот за работа на Владата според кој предлог-законите задолжително треба да се објавуваат на веб-страниците на министерствата; функционирањето на граѓанскиот дневник како алатка за поедноставен пристап на граѓаните до услугите кои ги даваат органите на државната управа. 4) Цели во кои не е забележан напредок се следните: нема централно воспоставен систем на вклучување на граѓанските организации во процесите на креирање на политиките, нема подобрување на финансирањето на граѓанските организации од страна на државата; не се преземени мерки за развој на граѓанскиот сектор во руралните средини. 5) Програмите и активностите на неколку министерства и други органи на државната управа кои се поврзани со соработката и развојот на граѓанскиот сектор се усогласени со целите и мерките предвидени со Стратегијата. 6) Организациската поставеност на Одделението за соработка со невладините организации во рамките на Генералниот секретаријат на Владата секогаш не ја дозволува флексибилноста и потребниот авторитет во хиерархијата на Генералниот секретаријат на Владата за реакција и проактивно дејствување. 7) Поголемиот дел од спроведените активности се реализирани во ситуација кога постоела финансиска поддршка однадвор или кога за истите има потреба за усогласување со европските и со други меѓународни стандардите или директно со законодавството на Европската Унија. И покрај заложбите на Одделението за соработка со невладините организации и Генералниот секретаријат на Владата, во отсуство на буџет за реализација на активностите очекувано е потфрлање во реализацијата на планот. Немањето програмски буџет на Одделението за соработка со невладините организации дополнително го отежнува процесот на спроведување на мерките. |