3 Форум на граѓанското општество во Македонија - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

3 Форум на граѓанското општество во Македонија PDF Печати Е-пошта

Одговорен уредник: Сунчица Саздовска
Дата: 2004 година
ISBN: 9989-102-06-6
PDF:
nvo-saem-3-forum-na-graganskoto-opstestvo-vo-makedonija.pdf

3 Форум на граѓанското општество во МакедонијаНВО Саемот - 3 форум на граѓанското општество во Македонија, традиционално се одржа од 20 до 22 ноември во Скопје, организиран од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), во соработка со Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ) и Институтот за трајни заедници (ИТЗ). За разлика од минатите две години беше променета само локацијата и третиот НВО Саем се одржа на Скопски саем.

За три дена беа одржани 52 форума, едукативни сесии и социо-културни настани и се претставија 205 граѓански организации од земјава и десет организации од граѓанскиот сектор од Србија и Црна Гора, Косово, Словенија, Босна и Херцеговина, Данска, Грузија, Казакстан, Киргистан и од Русија. Посебен интерес, годинава, предизвика форумскиот дел, на кој беа отворени повеќе прашања кои го засегаат граѓанскиот, државниот и приватниот сектор. Форумот претставува отворен простор за дебатирање и можност секој да си го каже своето мислење. Носечки теми, годинава, беа: “Како до мобилизација на граѓанското општество”, “Вистините и заблудите за граѓанскиот сектор”, “Како до стратегија за дијалог и соработка меѓу државата и граѓанскиот сектор?” и “Промени во Законот за здруженија на граѓани и фондации”.

Во рамките на изложбениот дел, граѓански организации се претставија со свои презентации, базирани врз креативноста на граѓанските организации, и користејќи ја можноста за промовирање на своите идни активности и проекти. “Во современите држави не е измислен подобар модел за контрола и надополнување на честите превиди во политиката од моделот на невладините граѓански организации, кои поаѓајќи од индивидуалните и колективни интереси, се организираат за да ги подобрат сопствениот живот, нивото и квалитетот на демократијата во сопствената средина”, рече претседателот на државата, Борис Трајковски, на свеченото отворање на НВО Саемот.

Третиот НВО Саем го поздрави и Донато Киарини, шеф на делегацијата на Европската комисија во Македонија, кој истакна дека правото на граѓанинот е основен принцип за градење на граѓанското општество и предупреди за можните манипулации со граѓански сектор. “Институциите на Европската унија го помагаат развојот на граѓанскиот сектор. Нивниот развој е, секако, битен, но поважно е граѓанските организации да останат независни, затоа што ако тие станат лоби-групи на одредени партии, тогаш не се веќе граѓански организации”, рече Киарини.

“Говориме за безбедност, за мултикултурно општество, за партиципативна демократија и децентрализација, за економски развој и вработувања. Колку повеќе говориме, толку повеќе нови проблеми, толку повеќе нови дилеми”, рече, во својот поздравен говор, Сашо Клековски, извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, потенцирајќи дека не постојат “волшебни стапчиња” и дека само ние можеме да ги решиме сопствените проблеми.

Извршниот директор на Институтот за трајни заедници, Пол Паркс, ги потсети присутните дека се навршуваат 40 години од атентатот на Џон Ф. Кенеди, потенцирајќи дека една од работите што тој ни ги остави е една визија. “Визија на свет, кој е полн со тешки проблеми, но и на свет во кој нема причина тие проблеми да ги прифатиме како постојани. Навистина, кога тие само би се прифатиле, би бил најлош неуспех. Тоа што е потребно е посветеност здружена со дејствување. Кога луѓето би имале посветеност и храброст да работат заедно, светот би бил подобро место за живеење. Тоа е визија според која вреди да се дејствува, и заради тоа сме тука”, рече Паркс.

Присутните ги поздрави и Владимир Милчин, извршен директор на Фондацијата Институт отворено општество Македонија, потенцирајќи дека ваквиот настан е единствен и по својата форма и по својата содржина, бидејќи обезбедува вклученост на граѓански организации од различни сектори од сите краишта на Македонија. За три дена форумските и изложбените активности ги проследија 10.000 граѓани, што е најдобар показател за успешниот развоен пат на НВО Саемот.

 

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна За нашата работа Истражувања и публикации