Извештај за спроведувањето на Стратегијата за соработка на Владата со граѓанскиот сектор - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Извештај за спроведувањето на Стратегијата за соработка на Владата со граѓанскиот сектор PDF Печати Е-пошта

Автор: Емина Нурединоска
Дата: Декември 2008 година
ISBN: 978-9989-102-79-0
PDF:
izvestaj-za-sproveduvanjeto-na-strategijata-za-sorabotka-na-vladata-so-gragjanskiot-sektor-2008.pdf

Извештај за спроведувањето на стратегијата за соработка на владата со граѓанскиот секторСтратегијата за соработка на Владата со граѓанскиот сектор е основниот документ кој ја регулира соработката меѓу Владата и граѓанските организации, а наедно предвидува и низа мерки кои се однесуваат на одржливоста на граѓанскиот сектор. На крајот на 2008 година МЦМС направи анализа на спроведувањето на овој документ за да го согледа погресот и да даде препораки до одговорните за спроведување и координирање на Стратегијата. Извештајот опишува и проучува неколку главни прашања: оценка за спроведување на активностите (квантитет и квалитет) во период од 24 месеци, навременост, позитивни остварувања, тесни грла и клучни потфрлувања.

Некои од заклучоците презентирани во Извештајот се:

1) Стратегијата за соработка на Владата со граѓанскиот сектор е во спроведување. Стратегијата има акциски план со предвидени мерки, активности, рокови и одговорни институции;

2) Реализирањето на активностите е различно. Во одредени области има значителен прогрес, во дел од нив има напредок, но исто така има и непроменета ситуација во однос на поставените цели;

3) Клучни постигнувања во овој период се: донесувањето на Законот за волонтерство во искучително партиципативен процес; вклучувањето на граѓанските организации во работните групи за формулација на закони и стратегии кои се релевантни за нивното работење; измените во Деловникот за работа на Владата според кој предлог-законите задолжително треба да се објавуваат на веб-страниците на министерствата; функционирањето на граѓанскиот дневник како алатка за поедноставен пристап на граѓаните до услугите кои ги даваат органите на државната управа.

4) Цели во кои не е забележан напредок се следните: нема централно воспоставен систем на вклучување на граѓанските организации во процесите на креирање на политиките, нема подобрување на финансирањето на граѓанските организации од страна на државата; не се преземени мерки за развој на граѓанскиот сектор во руралните средини.

5) Програмите и активностите на неколку министерства и други органи на државната управа кои се поврзани со соработката и развојот на граѓанскиот сектор се усогласени со целите и мерките предвидени со Стратегијата.

6) Организациската поставеност на Одделението за соработка со невладините организации во рамките на Генералниот секретаријат на Владата секогаш не ја дозволува флексибилноста и потребниот авторитет во хиерархијата на Генералниот секретаријат на Владата за реакција и проактивно дејствување.

7) Поголемиот дел од спроведените активности се реализирани во ситуација кога постоела финансиска поддршка однадвор или кога за истите има потреба за усогласување со европските и со други меѓународни стандардите или директно со законодавството на Европската Унија.

И покрај заложбите на Одделението за соработка со невладините организации и Генералниот секретаријат на Владата, во отсуство на буџет за реализација на активностите очекувано е потфрлање во реализацијата на планот.

Немањето програмски буџет на Одделението за соработка со невладините организации дополнително го отежнува процесот на спроведување на мерките.

 

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна За нашата работа Истражувања и публикации