Барометар за еднакви можности - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Барометар за еднакви можности PDF Печати Е-пошта

Барометар за еднакви можностиИстражувањето за довербата на МЦМС, покажа дека мнозинството граѓани на Македонија не се толерантни кон одредени групи. Најголемиот дел од интервјуираните лица (околу 90%) ги посочуваат зависниците од дрога и алкохол како групи на луѓе кои не би ги сакале како соседи. Висок процент од граѓаните изјавија дека хомосексуалците исто така не се добредојдени како нивни соседи (83%), а луѓето од различна етничка или верска припадност не се толерирани од околу една четвртина од популацијата (26%). Пораснат е и процентот на нетолеранција кон странците (18%). Вака распространетата нетолеранција, многу често е и последица, но воедно и причина за нееднаквиот третман и нееднаквите можности на сите граѓани во остварувањето на нивните права.

Еден од начините за проверка на напредокот во спроведувањето на мерките кои ги презема државата и граѓанските организации за не дискриминација, покрај следењето и анализата на конкретните случаи, се и редовните истражувања на јавното мислење. Ова е особено важно за проверка на постигнувањето на целите, односно за долгорочните промени кон поголема толерантност на граѓаните.

Општа цел беше понатамошен развој на поддржувачката околина за еднакви можности на сите луѓе, односно недискриминација во Македонија.

Цел на проектот беше да се испита состојбата со еднаквите можности на граѓаните во Република Македонија.

Целна група беше општата јавност. Директни корисници беа маргинализираните групи и граѓанските организации кои ги застапуваат нивните интереси. Целното подрачје беше Република Македонија.

09_08_MBD_102

Во рамките на овој проект беше спроведено истражување на јавното мислење за ставовите, перцепциите и свесноста на граѓаните во Македонија за дискриминацијата и нееднаквоста. Идејата за ова истражување на територијата на Република Македонија се базираше на претходно направената студија на истата тема во Европската Унија од 2006 и 2008 година, којашто беше спроведена од Европската комисија, а објавена во Евробарометарот 296, под наслов Дискриминација во Европската унија: перцепции, искуства и ставови. Првото истражување во Европската Унија беше направено пред прогласувањето на 2007 година за Година на еднакви можности, а второто во 2008 година, по завршувањето на кампањата за еднакви можности. Идејата беше да се согледа колку едногодишната кампања може да влијае врз намалувањето на ставовите на граѓаните во однос на не/дискриминацијата.

Активноста, односно истражувањето за Македонија насловено како „Барометар за еднакви можности“ беше спроведено врз основа на методологијата и инструментите од истражувањето на Европската комисија. Со истражувањето беа испитани ставовите и видувањата на граѓаните по шесте најчести основи на дискриминација: пол, етничка припадност, религија или уверување, возраст, инвалидност и сексуална ориентација. За Македонија покрај шесте основи, беше земена во предвид и политичката припадност, како чест основ за дискриминација во земјата.

По утврдувањето и адаптирањето на методологијата, Центарот за човекови права и разрешување на конфликти во соработка со Брима ја спроведе анкетата за еднакви можности. Анкетата беше спроведена во април 2009 година на примерок од 1,606 испитаници. При изборот на репрезентативниот примерок беше водена сметка за неколку социо - економски карактеристики: пол; возраст; ниво на образование; место на живеење; етничка припадност; религиозна припадност итн.

Она што може да се заклучи од Барометарот за еднакви можности за Македонија е дека дискриминацијата врз основа на партиска припадност е најзачестена (дури 78% од испитаниците сметаат дека дискриминацијата врз основа на партиска припадност е честа појава), потоа следи дискриминацијата врз основа на етничка основа (со 55%), а не се за занемарување и ставовите дека постои дискриминација врз основа на возраст (48,5%),  инвалидитет (45%) и пол и сексуална ориентација (40%).

По спроведената анкета и обработката на податоците, експертскиот тим го подготви и предаде истражувачкиот извештај, а МЦМС ја презеде обврската за издавање на извештајот. Во јуни 2009 година беше издадено истражувањето Барометар за еднакви можности во 500 примероци на македонски јазик, а воедно беше направен и превод на истото на англиски и албански јазик. Во текот на спроведувањето на проектот беа  подготвени 500 примероци во вид на  ЦД изданија на македонски, албански и англиски јазик. Барометарот беше дистрибуиран до граѓанските организации, владините институции, медиуми, народниот правобранител, меѓународните организации итн.

МЦМС го координираше и набљудуваше спроведувањето на проектот, а целокупните активности беа спроведувани во координација со Центарот за човекови права и разрешување конфликти. На 14-ти септември 2009 година во Скопје беше одржана промоција на резултатите од истражувањето. Во својот воведен говор во рамките на промоцијата Александар Кржаловски ги презентираше целите на проектот како и целите на извештајот од истражувањето. Подетални информации за резултатите од истражувањето присутните добија од авторките на истражувачкиот извештај, Мирјана Најчевска и Виолета Петроска Бешка.

Проектот резултираше подобрено следење на случаите на дискриминација и на спроведувањето на мерките за недискриминација. Како резултат на истражувањето беа добиени сознанија за степенот на дискриминацијата во Македонија и беше овозможено презентирање на добиените наоди пред општата јавност. Истражувањето претставува појдовна основа за мерките кои во иднина би требало да ги преземат граѓанските организации и владиниот сектор во однос на спречувањето и намалувањето на дискриминацијата во македонското општество.

Како тесно грло може да се наведе податокот дека голем дел од граѓаните не знаат што е дискриминација, не се подготвени и не знаат да реагираат во ситуации на дискриминација. Ова особено важи за дискриминацијата по одредени основи (возраст на пример), каде што испитаниците немаа јасна перцепција дали таков вид на дискриминација воопшто постои. Проектот се спроведе во периодот од 1 февруари – 31 октомври 2009 г. Вкупните трошоци на проектот изнесуваат 1.153.294 МКД.

 

Извршно резиме од проектот

 
Се наоѓаш тука  : Почетна За нас Нашата историја Барометар за еднакви можности