Меѓуверски календари |
Пред започнување на програмата Меѓурелигиска соработка во Македонија (МСМ) во 2003 година, соработката помеѓу верските заедници беше недоволно развиена. Членовите на верските заедници недоволно комуницираа, а нивните знаења за другите религии освен својата беа ограничени. Проектите кои беа развиени во рамките на програмата МСМ (билтен, адресар, календари и сл.) имаа за цел да ја развијат соработката помеѓу членовите на верските заедници, но и да ги поттикнат да осознаат нешто повеќе за празниците, начините на празнување, постовите, значајните денови на религијата на другиот. Нивното укажување на почит кон другите е добар пример и за пошироката јавност. Соработката и меѓусебната доверба помеѓу граѓаните на РМ се едни од клучните фактори за развојот на здраво демократско општество, но за да се постигне оваа цел потребно е повеќе да се работи на разбирањето на различните култури, традиции и религии. Меѓуверските календари се насочени токму кон оваа цел. Тие настојуваат да ги запознаат граѓаните со позначајните православни, исламски, католички, протестантски и еврејски празници. Цел на програмата е да се збогати меѓусебната соработка помеѓу верските заедници и да се подобри разбирањето за нив кај целокупната јавност во Македонија. Цел на проектот беше издавање на меѓуверски календари за 2008 година. Целна група се членови на верските заедници и општата јавност. Искуствата кои МЦМС заедно со верските заедници ги стекнаа во минатите години беа искористени за продолжување на издавањето во 2008 година. Првата фаза од подготовката на календарот опфаќаше собирање на податоците за празниците и постовите на верските заедници за 2008 година. На 03.12.2007 година се одржа седница на Издавачкиот Совет на која дискутираше за идејното решение на календарите. По усогласувањето на ИС, започнаа подготовките за изведба на идејното решение, дизајнот и печатењето. Покрај верските празници во календарот беа појаснети и празниците на етничките заедници во РМ, како и поважните меѓународни денови посветени на човековите права и антидискриминацијата. Беа испечатени 3,000 столни календари на македонски и по 2,000 на албански и англиски јазик.
|