Светска конференција за меѓурелигиски дијалог - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Светска конференција за меѓурелигиски дијалог PDF Печати Е-пошта

Светска конференција за меѓурелигиски дијалогВо периодот од 26 - 28 октомври 2007 година во Охрид, Република Македонија беше одржана Светската конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог на темата Придонесот на верата и културата кон мир, заемна почит и соживот. Конференцијата ја организираше Министерството за култура во соработка со Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, како и верските заедници на Република Македонија.

Организирањето на конференцијата претставуваше продолжение на неколкуте значајни регионални форуми и конференции одржани во нашата земја: Регионалниот форум на ниво на претседатели на држави „Дијалог помеѓу цивилизациите” под покровителство на претседателот Борис Трајковски од 2003 година; Конференцијата „Балкански меѓурелигиски дијалог” од 2006 година и Третата регионална конференција на министри за култура Културното наследство: мост кон заедничка иднина од 2006 година.

Цел на Конференцијата беше преку размена на мислења и искуства на претставниците на различни религии и култури, да се покаже дека преку дијалог и активна заложба светот може да се смени во динамична област во која луѓето ќе ја потврдат и реафирмираат убавината, творечката моќ на разликите, културната размена, соработката, како и богатството и потенцијалот која таа го носи.
Светската меѓурелигиска конференција целеше и кон промоцијата на РМ како земја во која се негува меѓуверскиот дијалог, како и кон градењето на идната соработка помеѓу верските заедници од Македонија со оние од другите земји.

Целна група беа околу 400 учесници, верски лидери и свештеници од секаде од светот, претставници на дипломатскиот и политичкиот кор на РМ, универзитетски професори, донатори и претставници на граѓанскиот сектор итн.

Конференцијата беше отворена со официјални обраќања од претставници од Владата на РМ, донатори и претставници на верските заедници, а беа организирани и неколку пленарни дискусии на темите: Нема вистински мир меѓу народите без вистински мир меѓу религиите, Религијата во образованието - нејзината улога во трансформацијата на општеството и Придонесот на заедничките вредности на различните култури и религии за иднината на човештвото. На крајот од конференцијата беше усвоена заедничка декларација за унапредување на дијалогот и заемното разбирање меѓу религиите и цивилизациите. Околу 400 меѓународни и национални претставници на различни верски заедници, како и претставници на домашни и меѓународни организации кои работат на полето на меѓуверскиот дијалог, но и универзитетски професори земаа учество на овој настан. На настанот учествуваа тројца претставници од МЦМС, како и по еден претставник од партнерските организации на МЦМС: НЦА, ДЦА и ЕЕД.

На 18.10.2007 година Министерството за култура на РМ се обрати до МЦМС за под-дршка на настанот. Барањето конкретно се однесуваше на обезбедување на финансиски средства за аудио-визуелна опрема за потребите на конференцијата. МЦМС одлучи да го поддржи настанот, бидејќи истиот беше во рамките на целите на програмата МСМ, но и бидејќи се сметаше дека преку поддршка на настан од ваков вид значително би се придонело за видливоста на МЦМС како еден од клучните актери на полето на меѓуверскиот дијалог.

Проектот резултираше во тоа што беше реализирана поддршката за опремувањето за конференцијата. Видливоста на МЦМС како поддржувач беше обезбедена на тој начин што логото на МЦМС беше на промотивните материјали од конференцијата, но и на поздравното обраќање на домаќините на настанот покрај другите поддржувачи беше споменат и МЦМС. Одговорно лице за спроведување на овој проект од страна на Министерството за култура беше Елизабета Канчевска - Милевска, додека пак одговорно лице од МЦМС за спроведување и известување на овој проект е Дервиша Хаџиќ – Рахиќ.

Покрај МЦМС, конференцијата беше финансиски помогната и од Владата на Репуб-лика Македонија, УНЕСКО, Светската исламска лига, а партнер во спроведувањето беше и Светската конференција за религии за мир. Конференцијата беше организирана во рамките на Декадите на ООН и УНЕСКО „Декада за дијалог помеѓу цивилизациите” и „Декада за култура на мирот”.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна За нас Нашата историја Светска конференција за меѓурелигиски дијалог