Застапување и лобирање за образованието на Ромите |
Анализата на образовната структура во Република Македонија покажува дека од вкупниот број лица над 15-годишна возраст близу половината (49,39%) се лица кои не поседуваат или поседуваат низок степен образование (неписмени, незавршено основно и со основно образование). Ако на оваа група им се додадат лицата со завршено 3 или 4-годишно средно образование тогаш состојбата со образовната структура на населението во Република Македонија е алармантна и воопшто не нуди оптимизам за идниот економски и социјален развој на државата. Уште повеќе загрижува фактот што во Македонија постојат јазови во однос на образовната структура. Најизразени се рурално-урбаните разлики и разликите по етничка основа. Општините со најголема стапка на неписменост се рурални општини и со доминантно население на етнички Албанци, Турци и Роми. Владата на Република Македонија преку Министерството за образование презема низа мерки за подобрување на образовниот систем, но за да се постигне максимален ефект во напорите неопходно е да се обезбеди координација на активностите од оваа област, како и утврдување на видовите активности кои ќе се имплементираат од страна на јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор и во каква релација ќе бидат тие со образовната дејност како стратешка определба на државата. Во периодот од 2001-2005 година со цел да се подобри вклученоста во основното образование МЦМС ја реализираше Програмата за применето образование на младите роми (ПОР). Во рамките на оваа програма, меѓудругото, беа реализирани активности за застапување и лобирање. Четиринаесет водечки ромски организации во Македонија основаа "мрежа" наречена Рома 2002, со што ја покажаа свеста за потреба од координација на активностите и обединување на напорите со цел да се мултиплицираат резултатите од нивната работа. Еден од приоритетите на "мрежата" е застапување и лобирање на полето на образованието на ромите. Општа цел на проектот беше придонес кон подобрување на вклученоста на Ромите во македонскиот образовен систем. Цел на проектот беше Придонес кон јакнење на организацискиот и институционалниот капацитет на мрежата “Рома 2002” и нејзините механизми за застапување и лобирање за образованието на Ромите. Резултат од проектот беше ефикасно функционирање на Лоби групата за образование во рамките на мрежата „Рома 2002” и нејзина видливост во јавност. Во рамките на овој проект беа реализирани следниве активности: Стратешко планирање, Информации, Кординативно тело на мрежата “Рома 2002”, Годишно Собрание на мрежата “Рома 2002”, Лоби групата за образование, Лоби средби, Организациска поддршка. Временскиот период на спроведување на проектот беше: 01 јули – 31 декември 2007 г. Директните трошоци за проектот изнесуваа 800.318,00 МКД. Сите средства се обезбедени од Данската меѓуцрковна помош (ДЦА).
|