Феминистички почетоци на социјалната работа |
Автор: м-р Биљана Страмшак Основа на оваа книга е мојот магистерски труд под оригинален наслов „Жените пионери во социјалната работа и нивното влијание врз подемот на феминизмот”. Трудот беше одбранет на 21 април 2008 година, пред Комисија во состав: проф. д-р Слободанка Марковска, проф. д-р Верица Стаменкова Трајкова и проф. д-р Мариа Доневска. Поттикот за објавување на ова дело произлезе од желбата за проучување на секогаш неисцрпното богатство што го нуди историјата на феминизмот, особено на неговото влијание врз професионалната социјална работа што има мошне скромна архива во Македонија. Остварувањето на желбата да се остави нешто трајно што можеби ќе поттикне и многу нови вакви трудови, финансиски ја помогна Македонскиот центар за меѓународна соработка, МЦМС – Скопје, со изборот на конкурсот за доделување грантови за истражувачки публикации од областа на општествените науки. Оваа книга првенствено е наменета за социјалните работници како и за студентите на Институтот за социјална работа и социјална политика, но верувам дека таа ќе им биде корисна за сите што се занимаваат со теоретските основи на социјалната работа, како и на другите стручни работници и студенти од другите т.н. помагателни професии, кои секојдневно се сретнуваат и работат со лица од двата пола, при планирањето и давањето услуги. Иако сум свесна дека оваа книга не може да ги покрие сите аспекти на поврзаноста меѓу социјалната работа како професија и феминизмот како движење, сепак, се надевам дека таа може да послужи како патоказ за откривање на еден посебен дел од историјата на социјалната работа како професија, дел за кој досега не е пишувано ниту истражувано на балканските простори. Во однос на содржината и структурата, книгата во најголема мера се потпира на магистерскиот труд, со извесни интервенции во воведот и заклучокот. Кратките надополнувања го опфаќаат овој краток предговор како и индексот на имиња и поими. На крајот, би сакала да ја изразам мојата искрена благодарност до сите оние што помогнаа во различни фази на реализацијата на мојот магистерски труд, вклучувајќи го и неговото публикување. Пред се, им должам благодарност на членовите на Комисијата за нивните теориски насоки во текот на подготвувањето на магистерскиоттруд, како и за дадените забелешки и сугестии во текот на одбраната на трудот кои се вградени во конечната верзија подготовена за печат. Посебна благодарност до мојата менторка проф. д-р Слободанка Марковска која несебично се залагаше за целиот тек на подготовката на трудот, за отворањето на нови погледи и перспективи преку нејзините теориски совети. Најискрена благодарност за нејзината човечност. Би било неправедно доколку не им изразам благодарност и на сите мои колешки и колеги, пријателки и пријатели кои ми помагаа во текот на подготовката на ова дело, преку обезбедување соодветна литература, користење интернет, давање практични совети, особено за пројавениот интерес и долгите разговори низ кои се кристализираа моите ставови. Преку иницијативата за финансиска поддршка за објавување трудови на млади научници, Македонскиот центар за меѓународна соработка е заслужен за брзото публикување на овој труд. Мојата голема благодарност!
|