Општествена одговорност на граѓаните 2011 |
Автори: Сашо Клековски, Гонце Јаковлеска и Даниела Стојанова Македонскиот центар за меѓународна соработка по четврти пат ја истражуваше општествената одговорност на граѓаните. Чувството за одговорност на граѓаните за влијание, учество и решавање на општествените проблеми е битна компонента за развој на граѓанското општество, но и општеството во целина. Граѓанското општество без граѓани кои ќе учествуваат во него не може да ја исполни своја мисија. Вкоренето и динамично граѓанско општество, кое влијание на јавните политики е долгорочна цел на МЦМС. Ваквото граѓанско општество се заснова на активни граѓани или општествено одговорни граѓани, како чинители во општеството. Од овие причини, МЦМС го истражува граѓанското општество, а особено довербата и општествената одговорност на граѓаните. МЦМС за прв пат ја истражуваше општествената одговорност во 2006 г., заедно со довербата, додека во 2007 г., 2009 г. и 2010 г. беа направени посебни истражувања. Извештајот е подобрен врз основа на претходните искуства и глобалните истражувања. Се употребуваат индекси за ставовите и навиките на граѓаните по одредени прашања со што се олеснуваат анализите на трендовите. Со вклучувањето нови прашања, периодичното повторување на истражувањето, но и неговото објавување по делови е подобрена употребливоста на извештајот. МЦМС се надева дека извештајот „Општествената одговорност на граѓаните“ ќе биде употребен од организациите на граѓанското општество како основа за подобрување на нивните стратегии за поголемо вклучување и поддршка од страна на граѓаните. Извештајот нуди корисни информации и за државните институции, кои може да придонесат во процесот на креирање на политиките. Исто така, МЦМС верува дека анализите ќе бидат корисни и за приватниот сектор, но и за студентите и за истражувачите на општествените појави.
|