Државата да ни ги реши проблемите - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Државата да ни ги реши проблемите PDF Печати Е-пошта
Среда, 29 април 2009 10:48

Државата да ни ги реши проблемите[Прес соопштение] Македонскиот центар за меѓународна соработка по трет пат ја истражуваше општeствената одговорност на граѓаните. Во ова соопштение ви ги презентираме деловите за: одговорност за општествени прашања, учество во граѓанските организации, ниво на социјализација и добротворно дарување.

Одговорност за општествени прашања

Според истражувањето, 61,1% од граѓаните најпрво се чувствуваат како македонски државјани/граѓани, а потоа како припадници на сопствената етничка група.

Мнозинство од граѓаните (51,9%) се уште ја доживуваат државата како најодговорна во решавањето на општествените потреби. Високите очекувања кон државата, со пониски очекувања од самите граѓани (6,9%) и скоро отсуство на очекувања од деловниот сектор (1,6%), оди во прилог на етатистичката култура, како остаток на државниот социјализам, односно мала јавна поддршка на устројување на Македонија како либерално - демократски уставен систем.

Вербата во солидарноста на граѓаните е зголемена на 49,3% од  39,3 % во 2007 година и од 26,4 % во 2004 година. Но се уште мнозинството на граѓани верува во себичноста на луѓето.

Мнозинство граѓани (64,3%) сметаат дека нов развој, вработување и оспособување на граѓаните се решение за проблемите. Ваквите ставови на јавноста се стабилни и може да бидат поддржувачки за поголемо внимание на новиот развојот наспроти социјалната помош.

Зголемени се јазови меѓу изјавите за граѓанска одговорност и реалноста, освен во делот на јавен дух. Во просек, параметрите за граѓанска одговорност се зголемени за 15% (од 51,1% на 66,2%), додека во конкретни показатели за истите работи за околу 10% (од 37,8% на 48,1%). Големи се јазовите меѓу ставовите за одговорноста и реалното учество во политички непартиски активности (62,8 % и 25,3 %), вклученоста во граѓанските организации (59,6 % и 26,1 %), вклученоста во волонтерска активност во заедницата (57,1 % и 27,4 %). Кај добротворното давање исто така има голем јаз, иако во обратна насока (помало чувство за одговорност, наспроти изјавено учество во добротворно давање.

Учество во граѓанските организации

Малку граѓани се активни во граѓански организации. Секој четврти е член на граѓанска организација, а половина од нив се неактивни. Членувањето и во другите форми на здружување (цркви и верски заедници и синдикати) е слично. За разлика од нив, политичките партии мобилизираат повеќе граѓани. На секои 5 граѓани 2 се членови на некоја политичка партија, но сепак само 1 е активен.

Што се однесува до доброволната работа, само 10% од граѓаните ја практикуваат во граѓанските организации. Поголем е бројот на оние што работат доброволно во политичките партии (17,2%). Малкуте кои решиле да придонесат со доброволна работа се мотивирани главно од алтруистички причини.

Ниво на социјализација

Граѓаните најчесто се дружат со членовите на потесното/поширокото семејство и пријателите. Една четвртина од граѓаните воопшто не се дружат со своите колеги од работа или струка надвор од работното време, а повеќе од половината воопшто не посетуваат организирани форми на дружење во заедницата.

Верските храмови се посетуваат само за поголемите верски празници, половина од граѓаните најчесто ги посетуваат неколку пати во годината.

Нивото на социјализација зависи од возраста, економската моќ и степенот на образование.

Добротворство

Расте бројот на луѓето што даруваат од 64,6 % минатата, на 70,9 % оваа година. Главниот мотив за дарување е солидарноста која пораснала од 36,3% минатата на 48,4% оваа година. Првиот приоритет за дарување е социјалната грижа или хуманитарните цели (22,9%), а што се однесува до нивото, оваа година општинското и националното ниво повисоко на листата на приоритетни нивоа за дарување. Граѓаните најчесто даруваат пари, а вообичаената сума е од 100 до 500 денари. Најмногу сакаат да даруваат директно и на рака. Најчестите причини за одбегнувањето на посредниците се желбата да се види кому му се дава помошта (39,5%) и потребата да се избегне злоупотреба (27,6%).

Најголем број граѓани (32,5%) за добротворните акции се информираат директно од корисниците, а електронските медиуми се на второ место (27,1%). Перцепцијата за наменската употреба на средствата сеуште е поделена. Вкупно 55,7% од испитаниците сметаа дека собраните прилози се употребуваат наменски.

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Државата да ни ги реши проблемите