Борба за Влае – приказна за здружената битка против корупцијата |
Петок, 22 ноември 2024 12:13 | |||
Граѓаните против корупцијата ја започна кампањата со промоција на успешните приказни на граѓаните во борбата против корупцијата. Имено, на настанот насловен „Партнерство за промени“ каде беа промовирани резултатите од Грантовите за брз одговор и новите Грантови за граѓанска вклученост, беше објавена првата приказна за успешната граѓанска иницијатива – Борба за Влае. Станува збор за иницијативата која се покрена во 2022 година, каде со еден Facebook пост граѓаните успеваат да се мобилизираат и спротивстават на донесувањето на Деталниот урбанистички план (ДУП) во Влае 2. Имено, тие успешно заеднички поднесуваат над 1300 анкетни листови со цел на општината да и дадат до знаење дека не се согласуваат со планот за урбан развој на нивната населба. Битката да се подготви ДУП согласно стандардите за урбано хумано живеење во Влае продолжува, а здруженоста ќе остане да им биде поттик да истраат во нивните барања. Масовноста е многу важна според активистката Јована Стефановска од иницијативата Борба за Влае со која граѓаните во сите населби обединето можат да ги сменат приликите и можат да се изборат со урбаната мафија. „Само здружени граѓани се јаки граѓани во нивната борба“ додава таа. Ова е првата од серијата успешни приказни на програмата Граѓаните против корупцијата, која во иднина ќе продолжи да ги промовира приказните на вакви анти-корупциски херои. Приказната за Борба за Влае произлезе од соработката на нашиот грантист О2 иницијатива од грантовата шема за брз одговор која даде безрезервна поддршка на нашите сограѓани од Влае.
|