Прилепчани отворенo и гласнo дискутираа за предизвиците со корупцијата „Не можеме никаде да завршиме работа без мито“ |
Четврток, 05 декември 2024 13:51 | |||
„Антикорупцискиот караван“ организиран од страна на програмата „Граѓаните против корупцијата“ продолжи во Прилеп, (среда 4 декември). Уште на самиот почеток, голем број прилепчани го посетија штандот на програмата пред „Саат кулата“ и почнаа да ги искажуваат своите ставови и поставуваа прашања на тема борба со корупцијата и како тие може да се вклучат во истата. Дополнително, граѓаните имаа можност директно да разговараат со претставниците на Државната комисија за спречување на корупцијата и Управата за финансиска полиција. Имено, над 20 граѓани пријавија и/или дискутираа со претставниците на институциите за конкретни случаи поврзани со ризици од корупција, непотизам и судир на интереси. Преку овие разговори граѓаните имаа можност да добијат јасни насоки како да пристапат, каде да се обратат во врска со нивните случаи, а воедно добија контакти за процесирање на нивните прашања. Голема заинтересираност граѓаните изразија и за новата алатка „Реагирај“ на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, тие беа запознаени со чекорите за нејзино користење и како да ги следат тековните повици за акции за барање на одговорност од институциите и на кои тие може да се приклучат. Додека, претставниците на Центарот за граѓански комуникации ги информираа посетителите со наодите од Граѓанскиот надзор над јавните набавки во Прилеп и им укажаа на нивните права како граѓани дека треба да бидат вклучени во социо-економскиот развој на нивната општина. Главен заклучок од неформалните средби, како и од изјавите за медиумите е дека граѓаните се свесни дека корупцијата постои и ја има насекаде, и напоменаа дека е потребна поголема изразена волја од властите и институциите да се спречи истата. „Антикорупцискиот караван“ во Битола и Прилеп се организираше во рамки на програмата „Граѓаните против корупцијата“ спроведувана од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во партнерство со Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, Скопје (ИДСЦС), Стопанската комора на Северна Македонија (СКСМ), 360 Степени, Истражувачка репортерска лабораторија Македонија (ИРЛ) и Балканска истражувачка репортерска мрежа Македонија (БИРН). Програмата е финансирана од Американската агенција за меѓународен развој – УСАИД/Северна Македонија.
|