Започна спроведувањето на акции за брз одговор на корупцијата во изборниот процес! |
Понеделник, 01 април 2024 16:34 | |||
Институтот за стратешки истражувања и едукација ИСИЕ Скопје, Кво Вадис Ад Астра Струмица, Центарот за образование и медијација на млади Гостивар, Здружението за истражување, едукација и креирање еко политики О2 иницијатива Скопје и Младински форум за соработка Скопје се петте организации кои добија грант за брз одговор како дел од програмата „Граѓаните против корупцијата“. Во наредните 5 месеци овие организации ќе спроведат акции за спречување на изборна корупција кон студентите; акции за подготовка и препознавање на коруптивно однесување на средношколците како идни учесници во изборните процеси; акции за спречување на корупција во носењето на урбанистички планови/проекти; хакатон за креирање на апликација за пријавување на корупција; обуки за истражувачко новинарство и анти-корупциски фестивал на станд ап комедијата. Повикот беше отворен од 13 февруари до 4 март 2024 г. На истиот пристигна вкупно 61 апликација, од која 46 апликации ја поминаа административната и проверката за подобност и истите беа директно примени за оценка на квалитет. Комисијата за избор на грантови избра 5 организации добитници на грант за брз одговор. Вкупната доделена поддршка за овие грантови изнесува 2.300.000 денари. Грантовите за брз одговор се дел од програмата „Граѓаните против корупцијата - ГПК“ спроведувана од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во партнерство со Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, Скопје (ИДСЦС), Стопанската комора на Северна Македонија (СКСМ), 360 Степени, Истражувачка репортерска лабораторија Македонија (ИРЛ) и Балканска истражувачка репортерска мрежа Македонија (БИРН). Програмата е финансирана од Американската агенција за меѓународен развој – УСАИД/Северна Македонија.
|