Искуствата на верските заедници од Албанија во механизмите за превенција на насилниот екстремизам |
Среда, 01 ноември 2023 12:14 | |||
Вклучувањето на верските заедници во механизмите за превенција на насилниот екстремизам беше темата на студиската посета која се одржа од 25 до 27 октомври 2023 годна во Тирана, Албанија во организација на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и здружението Хоризон Цивитас, а со поддршка на Меѓурелигискиот совет на Албанија од Тирана. Претставници на Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, Македонската православна црква-Охридска Архиепископија, Исламската верска заедница, Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“, Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, МЦМС и Хоризон Цивитас се сретнаа и поразговараа со нивните колеги од Албанија за искуствата од вклученоста во превентивните механизми за спречување на насилниот екстремизам. Ова беше и можност да се воспостави и возобнови комуникацијата и соработката помеѓу клучните актери во двете земји за овие прашања. Бујар Спахиу, претседателот на Муслиманската верска заедница од Албанија се осврна на улогата на оваа институција во благосостојбата на албанското општество. Повеќе за албанскиот модел за коегзистенција и хармонија меѓу религиските заедници зборуваше Генералниот секретар на Меѓурелигискиот совет на Албанија, Генти Круја. Оваа организација е создадена од верските заедници во Албанија, а претседавањето со неа е обврска на секоја од заедниците и се менуваат секоја година. Учесниците се сретнаа и со Ејуп Лила, Директор на кабинетот со кој дискутираа за вклученоста на Муслиманската заедница во активностите за спречување насилен екстремизам и ресоцијализција, рехабилитација и реинтеграција. За овие аспекти од работата, учесниците разговараа и со Бискупот Асти од Православната црква на Албанија како и со лидерот на светскиот центар на Бектешите, Деде Едмонд Брахимај. Повеќе дискусија за вклученоста на академската заедница, учесниците на студиската посета имаа со професорите од Универзитетот Бедер, и тоа со д-р Скендер Бруцај и докторандот Хисни Скура кои ја презентираа нивната работа и соработката со верските заедници. Хисни Скура го потенцираше модел на Албанија за меѓурелигиска хармонија, наведувајќи ги како пример заедничките активности на сите верски заедници во корист на зачувување на општествениот мир и толеранцијата. Заради тоа, религиозните заедници во Албанија, уживаат висока доверба од верниците и граѓаните на Албанија воопшто. На средбата, Националниот координатор за спречување насилен екстремизам на Албанија, Денион Меидани, истакна дека околностите за работа на меѓуверски теми во секоја од државите на Балканот се различни но дека е задолжително сите засегнати институции да работат постојано на зајакнување и зголемување на толеранцијата без разлика на интензитетот на предизвиците, бидејќи само тоа е патот кон постигнување реален и долгорочен општествен мир. Беше организирана и средба со претставници на граѓанскиот сектор кои спроведуваат проекти на оваа тема и кои се поддржани од ГЦЕРФ. Ромарио Шеху од Линијата за поддршка на жени и девојки ги нагласи потребите за зголемување на капацитетите на верските лидери – имами и муфтии, за препознавање на рани знаци на радикализација низ општеството, а особено кај нивните верници.За вклученоста на Советот во меѓуверскиот дијалог зборуваа и претставниците од Одделот за жени и Одделот за млади. Според нив, постојаната и директна работа е клучна во работата со нивните корисници за било кој општествен проблем. „Ангажирањето на граѓанското општество е од клучно значење во градењето на еластично и исто така толерантно општество. Меѓуверскиот дијалог ќе го обедини општеството како еден мултикултурен комплекс“, истакна Хисни Скура. Тој се осврна и на емпатијата како суштествен дел што секој верник треба да го поседува затоа што му овозможува да влезе „во чевлите на другиот“ за да го добие соодветниот поглед на работитеГенералниот секретар Круја, рече дека нивната организација, Меѓурелигискиот совет на Албанија, имале јасни декларирани ставови по повод поголеми политички прашања со цел да го зачуваат јавниот мир. Верските заедници во Албанија, самостојно, често реагираат за поголеми општествени прашања, со единствена цел, да ги заштитат граѓаните. Студиската посета е дел од програмата „Пат кон отпорност и реинтеграција на ранливите семејства во заедницата“ кој го поддржува ГЦЕРФ, а го спроведува МЦМС во партнерство со Нексус – граѓански концепт, Иницијатива за европска перспектива (ИЕП), Здружението за активен и здрав развој на жените и децата „Плеиадес“ и Здружението за граѓански активизам и охрабрување на општествената одговорност „Хоризон Цивитас“.
|