Зад резултатите во СНЕ во германското општество стои добрата координација на сите актери - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Зад резултатите во СНЕ во германското општество стои добрата координација на сите актери PDF Печати Е-пошта
Понеделник, 20 март 2023 08:29

Соработката меѓу граѓанското општество и државните актери во борбата против екстремизмот во Германија беше главната тема на студиската посета на која учествуваа 15 претставници на македонските институции поврзани со Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам (НКСНЕБТ) и граѓанските организации. Тридневната интензивна програма (15 – 17 март 2023 година) им овозможи на учесниците да се сретнат со голем број претставници на германските институции и граѓански организации, да ги слушнат нивните искуства и да дискутираат за поставеноста на системот на ресоцијализација, рехабилитација и реинтеграција на повратниците од странските боишта, на припадниците на екстремистичките групи, како и за програмите за превенција од насилниот екстремизам. Според учесниците, искуствата од студиската посета се добра основа и предизвик за примена во македонскиот контекст. 

Photo 1 MCMS

Сабине Екхард, Раководител на сектор во кабинетот на сојузниот канцелар и Шила Алабеи од Одделението за внатрешни работи ги воведоа учесниците во активностите за превенција на екстремизмот и дерадикализацијата од гледна точка на Сојузниот канцелар. Тие потенцираа дека во Германија инсистираат на превенција на сите нивоа. „Многу вложуваме во Министерството за семејство“, рече Екхард и додаде дека по околу 200 милиони евра годишно се одвојуваат за проекти за овие намени, кои ги спроведуваат граѓанските организации. Имајќи го предвид федералното уредување на земјата, двете соговорнички нагласија дека воспоставувањето координација меѓу институциите и сегашната кохерентна политика барале време. Работата на локално ниво е клучна, а сојузната влада ја задава рамката во која таа се одвива. Учесниците се интересираа за начинот на воспоставување на тимовите кои работат на терен; низа каков процес поминуваат луѓето кои се дел од нив; како се одвива соработката со граѓанските организации итн. 

За практичните искуства за семејно советување повеќе зборуваше Фабијан Викман, менаџер на случаи од проектот Егзит Германија. „До сега работевме со 900 луѓе и имавме различни случаи. Со дел од нив работевме интензивно и долго. Најчесто работевме со мажи, иако имавме случаи и со жени и деца. За сите, условот беше да се вклучат доброволно“, реле Викман. И Егзит Германија и Мрежата за превенција на насилството (Violent Prevention Network) соработуваат со институциите во сите фази. 

Photo 2 MCMS

Џуди Корн, извршен директор и Софи Шојбле заменик директор на Мрежата за превенција на насилството зборуваа за 20 годишното искуство во работењето со целните групи и институциите. Тие истакнаа дека при создавањето на програмата за ресоцијализација во затворите имале поддршка од државата. Програмата функционира од 2017 година во сите затвори во земјата, а бројот на клиенти до сега изнесува 2000. Корн и Шојбле ги презентираа бројките на десните екстремисти, поделбите меѓу нив и бројките на оние кои заминале во Сирија и Ирак. Координацијата со институциите (полиција-безбедносни служби) се прави еднаш во две недели.   

Саша Флаг, од Одделението за правда при Сенатот на Берлин зборуваше за ресоцијализацијата во германското кривично право. Според него, професионалците кои работат во затворите (социјални работници, психолози, здравствени работници) имаат експертиза да ги препознаат и да работат со радикализирани лица. „Размената меѓу институциите е многу важна за да може да се поддржи лицето и во затворот и по излегувањето од него“, вели Флаг и додава дека во работата имаат поддршка и експертиза од граѓанските организации кои работат на оваа проблематика.  

Преку два случаи од нејзината пракса, Керстин Шишка од Нексус, Мрежа за психотерапевтско-психијатриско советување, им го објасни на учесниците клиничкиот менаџмент во областа на спречувањето и борбата против насилниот екстремизам (СНЕ). Кристијан Хопнер од Федералната канцеларија за миграција и бегалци зборуваше за менаџирањето на повратниците од странските боишта и нивните семејства. Тој се осврна на советувалиштето наречено „Радикализација“, воспоставено во 2012 година како прво место каде граѓаните можат да се јават ако забележат дека некој од нивното опкружување покажува знаци на радикализација. 

Photo 3 MCMS

За германскиот пристап на репатријацијата, кривичното гонење и родовите аспекти во обвиненијата зборуваше Софија Колер, виш истражувачки аналитичар за СНЕ од проектот за борба против екстремизмот (Counter extremism project). Според официјалните податоци, вкупно 1150 лица од Германија заминале на боиштата во Сирија и Ирак. Од нив, 25% биле жени. Дел од заминатите не биле германски државјани. За споредба, бројката на заминати на овие боишта од цела Европа е околу 5000 луѓе. Во декември 2022 година, во Германија се вратиле 40% од заминатите. „До 2017 година, улогата на жените во Исламска држава не се сфаќаше сериозно. Од 2018 година има пораст на обвиненија на жени повратници“, вели Колер. Вкупниот број пресуди до декември 2022 година е 107, додека 70 истражни постапки се прекинати заради недостаток на докази.  

За финансиските стратегии на клучните актери на (десничарскиот) екстремизам и за ефективните контрамерки зборуваше Александар Рицман, виш советник од Проектот за борба против екстремизмот и Мрежата за подигање на свеста за радикализација на ЕУ. 

Photo 4 MCMS

Учесниците на студиската посета го посетија и Министерството за семејство каде разговараа за сојузната програма „Да живееме во демократија“ која постои од 2000 година и не се однесува само на екстремизмот туку и на други аспекти од животот на младите. Програмите на Министерството не се развиваат зад затворени врати туку во соработка со сите засегнати што е една од причините за нивниот успех велат и од Министерството и од нивните партнери, граѓанските организации.

Самира Бенз, Координатор за превенција и дерадикализација од исламски тероризам зборуваше за репатријацијата, рехабилитацијата и реинтеграцијата на повратниците и за предизвиците од мулти-агенциската работа за покраината Берлин. Мрежата за дерадикализација на Берлин ДеРадНет, која ги вклучува безбедносните агенции граѓанските организации беше дел од презентацијата на Феликс Баечлин кој се осврна на актуелните трендови во Берлин на ова поле. 

Студиската посета е дел од програмата „Пат кон отпорност и реинтеграција на ранливите семејства во заедницата“ кој го поддржува ГЦЕРФ, а го спроведува МЦМС во партнерство со Нексус – граѓански концепт, Иницијатива за европска перспектива (ИЕП), Здружението за активен и здрав развој на жените и децата „Плеиадес“ и Здружението за граѓански активизам и охрабрување на општествената одговорност „Хоризон Цивитас“.

 

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Зад резултатите во СНЕ во германското општество стои добрата координација на сите актери