„Ајде заедно да ја намалиме и спречиме дискриминацијата“ – порачаа младите од Битола - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

„Ајде заедно да ја намалиме и спречиме дискриминацијата“ – порачаа младите од Битола PDF Печати Е-пошта
Вторник, 24 октомври 2023 09:26

Центарот за подобрување на квалитетот на животот на лицата со интелектуална попреченост и нивните фамилии „Порака Нова“ од Струга во партнерство со Младинската aсоцијација „ИМКА“ од Битола од февруари до август 2023 година спроведоа кампања за подигнување на свеста за важноста на недискриминирањето на лицата со попреченост во Битола. Кампањата беше фокусирана на подигање на свеста помеѓу учениците во шест училишта (три основни и три средни), како и кај стручните служби (педагози и психолози) и образовните асистенти. Покрај тоа, беа промовирани законските процедури за пријавување на дискриминација до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД). 

1 6 MCMS

Прво обука па кампања 

Младите одиграа клучна улога во реализирање на кампањата меѓу своите врсници. Најпрво, во рамки на проектот се обучија 12 врснички едукатори од кои седум ученици од VII одделение и пет ученици од III година средно. Со нив се реализираа четири обуки на следните теми: „Човекови права и детски права“, „Дискриминацијата и поврзаноста со предрасудите, стереотипите и толеранцијата“, „Попреченоста и дискриминацијата на лицата со попреченост“ и „Видови на насилство и заштита од дискриминација“. Потоа секој од врсничките едукатори реализираше низа работилници за пренесување на научените знаења и вештини меѓу своите соученици на тема „Недискриминација на лицата со попреченост“. На овој начин се едуцираа вкупно 150 ученици (113 од основните и 37 од средните училишта) кои сега ја разбираат и знаат како да се справат со дискриминацијата на лицата со попреченост.  

2 4 MCMS

„Мислам дека оваа работилница ни го долови секојдневието на лицата со попречености и преку активности и примери ни покажа со кои проблеми се соочуваат. Оваа работилница ни овозможи на сите да гледаме како можеме да ја подобриме нашата заедница за секој да се чуствува еднакво и безбедно“, вели  Божидар Чолакович, ученик во III година во СЗУ „Кузман Шапкарев“ од Битола. 

Покрај учениците, во кампањата беа опфатени и 13 образовни асистенти (седум од основни и шест од средни училишта) и 22 стручни лица од училиштата и од ОУРЦ „Кочо Рацин“ од Битола. Преку овој проект стручните служби во основните и средните училишта во Битола имаа можност да се едуцираат во врска со новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација каде гостинско предавање имаше член на КСЗД кој им презентираше студии на случаи на лица со попреченост кои покренале постапки заради дискриминација. 

„Моето учество на работилниците, заедно со лицата со попреченост е бесценето богатство, затоа што запознав прекрасни личности. На работилниците сите учесници, од различни возрасти и професии, заедно правевме анализи на состојбите, потребите и проблемите со кои секојдневно  се соочуваат возрасните лица со попреченост, децата со попреченост и нивните семејства. А потоа, сите заедно креиравме решенија за рушење на сите видови бариери, предрасуди и стереотипи. Имплементацијата на тие решенија, би значеле поквалитетно инклузивно образование и подемократско инклузивно општество.“ изјави психолог д-р Аница Б. Златевска од ОУ „Коле Канински“ од Битола. 

Што покажа проектот 

Со реализацијата на овој проект откривме дека иако учениците се сведоци на дискриминација во рамките на училиштата, тие ретко пријавуваат кај стручните служби. Од друга страна, свесни се за фактот дека ретко се преземаат некакви корективни мерки после направена дискриминација, дури и кога за истата има поголем број на сведоци. Општиот заклучок е дека учениците често ги разговараат овие ситуации помеѓу себе и тоа е најчестиот начин за да се ослободат од непријатностите кои често ги доживеале. Истовермено, во средината каде учат најчесто нема разбирање за тоа како функционираат законските регулативи, ниту идеја на кој да се обратат како ученици. Најголемо разочарување постои во доживувањето на младите дека се уште многу од возрасните не сметаат дека оваа проблематика е сериозна за да и се придава толку многу значење. 

4 6 MCMS

Од увидите кои ги добивме од образоавните асистенти и стручните служби, се потврдува фактот дека за оваа проблематика постои недоволна информираност во околината.  Дополнителна тешкотија во борбата претставува фактот што постои во голема мера неприфаќање на ситуациите со попреченост меѓу самите лица, понекогаш и од страна на самите родители кои имаат дете со попреченост, а и околината. Дополнително, не секогаш адекватното спроведување на моделот за инклузија во училиштата, понекогаш и на некои места ја влошува ситуацијата, бидејќи го засилува  впечатокот дека „многу други работи се поприоритетни, а овај проблем може да почека“. 

Оттука запознавањето со законските регулативи за пријава на дискриминација, наиде на најголемо одобрување и пофалба од страна на стручните служби, бидејки повеќе од три четвртини од присутните немаа претстава за законските рамки за оваа проблематика и дека има определена комисија за да ги спроведува и да постапува и советува по овие прашања. Скоро сите кои се поврзани со работата во училиштата го имаа впечатокот дека овој проект иако важен е од премал обем и траење и дека вакви посериозни кампањи и тоа како се потребни за овој град. Оттука, активностите во овој проект одиграа значајна улога и за нашето идно вклучување во проектот ReLOaD 2 на Обединетите Нации во нивната програма за Западен Балкан, со кој ги продолжуваме нашите активности во Битола на тема подигање на свеста за последиците од дискриминирањето на лицата со попреченост.

5 2 MCMS

Проектот се реализира во рамки на програмата „Комисијата за антидискриминација ја извршува својата превентивна и заштитна улога“, која ја спроведува Македонски центар за меѓународна соработка – МЦМС, а финансиран од Европската Унија.


Поврзани:

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести „Ајде заедно да ја намалиме и спречиме дискриминацијата“ – порачаа младите од Битола