Успешните општини ја користат експертизата на граѓаните и здруженијата - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Успешните општини ја користат експертизата на граѓаните и здруженијата PDF Печати Е-пошта
Четврток, 07 ноември 2019 15:44

Коректор на власта се само активните граѓани кои се информирани и ги знаат сите законски процедури за остварување на граѓанските права и должности. Ова беше една од главните теми кои се дискутираа на работилницата на Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ) за принципите и концептите на граѓанско учество која се одржа на 28 и 29 октомври, а 21 претставник на граѓански организации се запознаа со практичните аспекти на граѓанско учество при одлучување на локално ниво.

20191106 vest rabotilnica za ucestvo 960x675

Учесниците се запознаа со концептот на локална самоуправа, надлежностите и начинот на одлучување за да можат соодветно да ги насочат своите иницијативи. Работејќи во групи, тие изработија неколку акциски планови за иницијативи кои ќе ги поднесат до општините во претстојниот период.

Обучувачот Заге Филипоски во повеќе наврати истакна дека предност имаат оние заедници кои го користат целокупниот човечки потенцијал со кој располагаат, а различностите ги претвораат во компаративни предности. „На оваа работилница учесниците особено се интересираа за функционирањето на месните заедници, делегираните надлежности и други практични специфики на процесот на планирање и буџетирање. Сега е периодот кога се носат плановите и буџетите за следната година и е најдобро време за лобирање и презентирање на предлози и идеи“, додаде тој.

Еден од заклучоците од дискусијата беше дека оние локални заедници, во овој случај општини, кои ќе создадат синергија и ќе ги искористат експертизата, искуството и знаењето на своите сограѓани, секогаш ќе бидат чекор напред и ќе бидат поуспешни при создавање на дополнителна вредност, а со тоа и подобри услови за живот и развој.

Во контекст на актуелната ситуација кај нас, една од темите која предизвика најголем интерес беше изборот на кандидати кои ќе учествуваат на наредните избори. Учесниците заклучија дека не е доволно само да се гласа за советници, градоначалници и пратеници, туку најголемиот предизвик е да се идентификуваат, да се охрабрат и да се поддржат најспособните кандидати од заедницата за да ги носат најдобрите одлуки, независно на која политичка опција и припаѓаат.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Успешните општини ја користат експертизата на граѓаните и здруженијата