Избрани се добитниците на наградите за граѓанско новинарство |
Понеделник, 16 јули 2018 15:40 | |||
Ирена Поповска за приказната „Дефект“, Дарко Гоцевски за приказната „Сиромаштијата во измачените лица на чесните граѓани на мојата напатена татковина“ и Љубен Тодороски за приказната „Заслуживме функционален здравствен систем“ се тројцата граѓански новинари и трите наградени приказни на третиот конкурс за избор на приказни и фотографии од граѓански новинари што го организираа Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Телевизија Телма. Во категоријата фотографии, наградени се Гоце Цветков, Виктор Поповски и Филип Неделковски за фотографии на тема сиромаштија и родова (не)еднаквост. Покрај ова, беа доделени и две признанија и тоа на Нуредин Исејновски за приказната „Читај на глас“ и на Ана Ристевска за фотографијата на тема сиромаштија. Третиот по ред конкурс за граѓански новинари беше отворен во периодот од 10 мај до 17 јуни 2018 година. Темите за овој конкурс беа: сиромаштија, здравство, родова (не)еднаквост и сообраќај. До Комисијата за оценка на пријавите стигнаа вкупно 41 пријавa и тоа 19 во категоријата приказни, и 22 за категоријата фотографии/видеа. Најголем број од пријавите беа на тема сиромаштија и тоа вкупно 24 во двете категории, осум на тема здравство, шест за сообраќај и три за родовата (не)еднаквост. Наградените ќе добијат ваучери со кои ќе можат да купат опрема за понатамошно практикување на граѓанското новинарство. Четвртиот и последен конкурс, се очекува да биде отворен во текот на септември оваа година. Конкурсот за граѓанско новинарство е една од активностите од проектот „Топ тема на ваша страна“ што го спроведуваат Телевизија Телма и МЦМС, а финансиски е поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД).
|