Учениците масовно се одѕваа на конкурсот „Еко тутун“ - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Учениците масовно се одѕваа на конкурсот „Еко тутун“ PDF Печати Е-пошта
Петок, 30 декември 2016 12:45

Околу 530 ученици од основните училишта во општина Кривогаштани учествуваа на наградниот конкурс за изработка на уметнички творби на тема „Еко тутун“. Тие, во групи, подготвија 82 дела при што користеа материјали кои биле употребувани во процесот на производство на тутунот.

15541279 1220154328049629 7098510418341750912 n

Комисијата за оценка на творбите додели вкупно девет награди. Секоја творба имаше наслов и порака. Кај тимовите од I до III одделение беа наградени: „Родители тутунари“, „На нива“ и „Детско оро“; кај оние од IV до VI одделение беа наградени: „Моето семејство“, „Процес“ и „Детето на тракторот“; а кај најголемите, оние од VII до IX одделение беа наградени: „Механизација“, „Сезони“ и „Скеле“. Членовите на наградените тимови, вкупно 59 ученици, добија книги, енциклопедии, прибор за цртање, и друг училишен прибор и опрема. 

„Конкурсот беше голем предизвик за децата“, рече Александра Богоеска, наставник по ликовно.  „Само што дознаа, почнаа да ги кажуваат своите идеи. Имаше голема заинтересираност. Се инспирираа од околината каде што живеат. Општина Кривогаштани е претежно земјоделска па не беше тешко да се мотивираат децата да работат на оваа тема“, додаде Богоеска. Таа истакна дека и децата и родителите биле многу задоволни од наградите и заинтересирани за понатамошна соработка. 

И за Теодора Рикалоска и Теодора Грозданоска конкурсот бил многу интересен. Тие, заедно со уште неколку другарки решиле да направат минијатури од опремата што се користи во таканареченото пеглање на тутунот. „Инспирација ни беа актуелните активности, речиси во секоја куќа сега се пегла тутунот“, рекоа двете. Иако не добиле награда, тие се чувствуваат уште помотивирани за натпреварот следната година. Снежана Рикалоска, мајката на Теодора, вели дека за прв пат ги видела овие материјали од поинакво светло.

Наградите беа доделени на 20 декември 2016 година на посебен настан што се одржа во училиштето „Манчу Матак“ во Кривогаштани. Повеќе од стотина ученици, родители и други заинтересирани дојдоа да ги видат овие своевидни уметнички дела. На присутните им се обратија градоначалникот на општината и претставници на МЦМС и трите тутунски компании кои го поддржуваат проектот за елиминација на детскиот труд од производството на тутун.

Целта на конкурсот бешe да се зајакне свеста кај децата и нивните родители за потребата за рециклирање на материјалите кои се употребуваат при производството на тутун. Истовремено, оваа активност е насочена и кон јакнење на свеста кај родителите и самите деца за намалувањето, односно елиминирањето на детската работа во процесот на тутунопроизводството.

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Учениците масовно се одѕваа на конкурсот „Еко тутун“