Рејтинзи на политичките партии - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Рејтинзи на политичките партии PDF Печати Е-пошта
Сабота, 26 ноември 2016 09:59

javnoto-mislenje-za-politicki-rejtinziВМРО –ДПМНЕ е во предност пред СДСМ со 4,8%. ДУИ има 6.2% рејтинг додека ДПА 3,3%. Ова го покажаа резултатите од истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје (ИДСЦС) и Телевизија Телма. Процентот на се уште неопределените гласачи е 14,9%, нема да гласаат 8,5, додека 18,2 не сакаат да одговорат на прашањето.

Низ призмата на етничката припадност на гласачите, решеноста да не излезат на избори е повисока кај албанската заедница. Вкупно 31,6% од Македонците би гласале за ВМРО –ДПМНЕ, а за СДСМ, 23,1%, додека СДСМ успева да привлече околу 6% гласови од етничките Албанци. ВМРО ДПМНЕ значително повеќе го поддржуваат вработените во јавниот сектор (37,9%), и пензионерите (36.8%) во споредба со СДСМ за кого поддршката е 23,6%, односно 19,8%.

Анализата на структурата на испитаниците на прашањата „за која партија гласавте на претходните избори“ (2014 година) и „доколку утре се одржат избори за кого ќе гласате“  покажува дека во ВМРО-ДПМНЕ има најмало прелевање на гласови, односно 89% од моменталните симпатизери на партијата, гласале за неа во 2014 година. Кај СДСМ, од вкупниот рејтинг, 1,9 процентни поени отпаѓаат на поранешни гласачи на ВМРО-ДПМНЕ, а 1 процентен поен од поранешни поддржувачи на ДУИ. Резултатите покажуваат дека помалите партии успеале да трансформираат 1,2% од граѓаните од негласачи во 2014 година во поддржувачи за некоја партија.

Над 43% од испитаниците одговориле дека не знаат кој ќе победи на изборите, додека 36,6% сметаат дека тоа ќе биде коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ односно, 19,9% коалицијата предводена од СДСМ.  Оние што нема да гласаат и неопределените имаат помали очекувањата дека опозицијата би победила. Поддржувачите на другите политички партии во поголема мера сметаат дека Коалицијата предводена од СДСМ ќе победи. 

Испитаниците беа прашани за тоа какви ефекти би имала евентуална промена на власт во нивните животи. Резултатите покажуваат дека 45,1% од граѓаните сметаат дека промена на власт нема да има позитивно или негативно влијание по нивните животи. Анализирајќи ги одговорите според тоа за која партија би гласале на наредните избори, може да се забележи разлика помеѓу симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Половина од симпатизерите на СДСМ очекуваат позитивни ефекти при промена на власт а една третина од симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ очекуваат негативни ефекти. Неопределените и апстинентите се многу поуверени дека промената на власта нема да има влијание во нивните животи.

За МЦМС, ИДСЦС и Телма, анкетата ја спроведе М-проспект. Податоците беа прибирани со теренска анкета во периодот од 6 до 20 ноември 2016 година. Анкетата е спроведена на национален репрезентативен примерок од 1000 испитаници.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Рејтинзи на политичките партии