Заврши проектот „Од норма до пракса за еднаквост“ |
Понеделник, 03 март 2014 15:09 | |||
На 25 февруари 2014 година во хотелот Пората во Скопје се одржа конференција на која беа презентирани резултатите од проектот „Од норма до пракса за еднаквост“. „Вклученоста на Министерството за труд и социјална политика во овој проект ги покажува нашите заложби за поефикасна борба против дискриминацијата“, рече во своето обраќање Муедин Кахвеџи, државен секретар во МТСП. И Ингрид Сагер, шеф на секторот за регионален развој, социјална политика, земјоделство и прекугранична соработка во Делегацијата на ЕУ во Република Македонија ја истакна важноста на реализирање на вакви проекти. „Делегацијата на ЕУ и е подготвена и понатаму да помага за обезбедување рамноправно општество. На конференцијата се обрати Душко Миновски, претседател на Комисијата за заштита од дискриминација (КЗД), кој зборуваше за искуствата Комисијата во борбата против дискриминацијата. „Почитувањето на човековите права, еднаквоста и недискриминацијата на граѓаните во Република Македонија се меѓу основните начела на демократијата загарантирани со Уставот и законите. Должни сме и посветени да ги промовираме и заштитиме“, рече тој. За резултатите зборуваше Александар Кржаловски, прв извршен директор на МЦМС. Тој ја истакна посветеноста на сите партнери да го реализираат големиот обем на активности во краток временски период. „Како дел од проектот беа спроведени промотивни кампањи, телевизиски и јавни дебати, обуки и работилници, неколку истражувања и публикации“. Кржаловски го потенцираше истражувањето „Барометар на еднакви можности“ кое што обезбедува важни информации за перцепциите, искуствата и состојбата со дискриминацијата во Република Македонија. Дел од проектот се и публикациите „КЗД во функција на заштита од дискриминација“ – водич за граѓаните и „Најдобрите практики на независни механизми за еднаквост во ЕУ и во регионот“. Проектот„Од норма до пракса за еднаквост“ го спроведе МЦМС во партнерство со Полио плус, Министерството за труд и социјална политика и Комисијата за заштита од дискриминација. Проектот финансиски беше поддржан од програмата Прогрес (2007-2013) на Европската Унија.
|