Заврши Форумот на граѓански организации |
Сабота, 24 март 2012 15:00 | |||
Денес (24.03.2012 година) во 14 часот беше затворен Форумот на граѓански организации од прекуграничниот регион на Република Македонија и Република Албанија. Во двата дена колку што траеше, настанот го посетија околу 800 граѓани на пограничниот регион, но и пошироко. Беа организирани вкупно седум форумски и четири социокултурни настани. Во изложбениот дел своите активности ги презентираа околу 90 граѓански организации од Македонија и Албанија. Само во вториот ден беа организирани четири форумски расправи и три социокултурни настани. За биодиверзитетот на Дримскиот басен зборуваше Радован Димитриевски, од организацијата Рекреативни риболовци од Охрид. Меѓу другото, тој зборуваше за штетите што се предизвикуваат врз рибниот фонд на Охридското Езеро од бродовите што се распаѓаат. Присутните на сесијата побараа од здружението поголема граѓанска иницијатива и притисок врз надлежните за решавање на ова прашање кое не ги засега само охриѓани туку сите кои го посетуваат Охрид. За технологијата, економиката и маркетингот на пчеларење зборуваше Благојче Најдоски, менаџер на списанието „Моја земја“. На основа на своето искуство во пчеларењето, на присутните им ја презентираше економската исплативост на бизнисот со мед, а им укажа и на некои корисни аспекти од брендирањето на производите. Младинското учество во процесите на креирање и донесување одлуки на локално и училишно ниво го презентираа Зорица Милкова и Даниел Уневски од Здружението на граѓани „Зона“ од Кавадарци, а за подготвеноста и дејствувањето при катастрофи зборуваа Александар Јосифоски и д-р Филип Танески од Црвениот крст од Охрид. Посетителите уживаа во настапите на ансамблот „Шпреса“ од Велешта, Струга, КУД Младост и КУД Јусуф Албани од Кичево. Фотографии од првиот ден и од вториот ден од Прекуграничниот форум на граѓански организации.
|