Почна Прекуграничниот форум на граѓанските организации - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Почна Прекуграничниот форум на граѓанските организации PDF Печати Е-пошта
Петок, 23 март 2012 14:05

Денес (23 март 2012 година) во 12 часот во Домот на културата во Дебар беше отворен Форумот на граѓански организации од пограничниот регион на Република Македонија и Република Албанија.

IMG 0981

Форумот го отвори Невзат Бејта, министер за локална самоуправа на Република Македонија. Тој им честиташе на организаторите, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Еколошкото друштво „Дешат“ и Институтот за демократија и медијација (ИДМ) од Тирана, за иницијативата за организирање на Форумот и потенцираше дека прекуграничната соработка покрај тоа што нуди можност да се добијат средства од Европската Унија, помага во надминување на прекуграничните бариери меѓу земјите во регионот. „Придобивките од прекуграничната соработка се многу поголеми“, рече министерот Бејта, „од трите повици на Програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Албанија се доделени 9 милиони и 540 илјади евра.“

Форумот го поздравија и градоначалниците на општините Дебар и Пешкопеја, Аргетим Фида и Илир Кроси. Тие изразија задоволство од досегашната соработка и уверување дека овој форум, кој е продолжување на досегашната соработка ќе им донесе нови информации, нови искуства и нови можности за заеднички проекти во иднина.

IMG 0907

Од името на организаторите од македонска страна, на присутните им се обрати Александар Кржаловски, првиот извршен директор на МЦМС. „Мило ми е што овој форум се случува во овој период, кога сме сведоци на повторни обиди за нарушување на меѓуетничките односи, и токму тука, затоа што овој регион е познат по активен соживот, толеранција и пракса на меѓусебна соработка на различните етнички и верски заедници. Вашето присуство докажува дека не има многу повеќе подготвени за соработка и следење на принципите на мирот и толеранцијата.“ На присутните им се обрати и Сотираќ Хрони, директор на ИДМ. „Идентификувањето на проблемите и кохезијата од двете страни треба да биде долгорочна,“ рече Хрони, „оти само така ќе дојдеме до она што го сакаме.“

Форумот ќе трае два дена (23 и 24 март 2012 година) и има за цел да ја зголеми информираноста за активностите и да ја подобри меѓусебната соработка на организациите од пограничниот регион. На Форумот учествуваат околу 90 граѓански организации и институции од двете земји. Своите активности ќе ги презентираат во изложбениот дел, а ќе дебатираат за значајните прашања низ шест форумски сесии. Организациите ќе се презентираат и низ социокултурни настани и изложби кои првенствено ќе бидат насочени кон претставување на културното наследство на пограничниот регион.

 
Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Почна Прекуграничниот форум на граѓанските организации