Промовирани Студиите на случаи - една од серијата публикации за ОРД - Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Промовирани Студиите на случаи - една од серијата публикации за ОРД PDF Печати Е-пошта
Четврток, 11 август 2011 13:47

(Прес соопштение) МЦМС, денес, 11 август 2011 година, ја промовираше публикацијата Охридски рамковен договор - Студии на случај, една од серијата публикации посветени на 10 – годишнината од потпишувањето на ОРД. На промоцијата зборуваа Александар Кржаловски, прв извршен директор на МЦМС и дел од авторите: Благородна Ампова, Фисник Шабани и Јован Близнаковски.
Публикацијата содржи 19 студии на случај на теми поврзани со спроведувањето на ОРД.

promovirani-studiite-na-slucai-edna-od-serijata-publikacii-1

 

Во студијата Мултикултурата одразена во политичките партии, во нивите програми и во раководствата, Наталија Шикова вели дека постојат општи заложби за изградба мултикултурно општество, но тие не се проследени со доволно насочени мерки за реализација на целите, па оттаму мерките се неповрзани и недомислени, еднострани и технички, недоволни за остварување на примарниот стремеж - мултикултурализам.
Јорданка Галева го третира изучувањето на македонскиот јазик од учениците од немнозинските заедници. Истражувањето покажало дека главната причина за појава на проблемот е неподготвеност и неинволвираност на засегнатите страни во одлучувањето за прашања кои директно се поврзани со нив. Изучувањето на македонскиот јазик е потреба и запознавањето со јазикот треба да отпочне во најраната возраст, преку релаксиран пристап во подготовка на родителите и наставниците, а не со наметнување, вели таа.
Марјан Младеновски низ примерот на Куманово го анализира рамковниот договор, етничката дистанца и мултикултурализмот. Според него, постои интеракцијата меѓу луѓето во мултиетничките средини, но таа најчесто е ограничена.
Во студијата на Фисник Шабани направен е сеопфатен преглед на законите за спроведување на ОРД. Студијата констатира дека правната рамка за спроведување на ОРД е воспоставена, донесени се уставните амандмани и повеќе од 130 закони. Постојат разлики во перцепциите за заокруженост на правната рамка.
Студијата ЕУ и Охридскиот рамковен договор на авторките Тања Хафнер-Адеми и Илина Нешиќ укажува на конфузијата која беше внесена со третирањето на ОРД во контекст на исполнување на критериумите за членство на Македонија во ЕУ. Пред сè, велат тие, ЕУ од моментот на потпишување ОРД првенствено беше инструмент насочен кон подобрување на демократијата и функционирањето на институциите, а второстепено кон мерките за подобрување на положбата на малцинствата, односно немнозинските заедници во Македонија.
Слаѓана Димишкова во својата студија ја разгледува употребата на знамињата пред локалните јавни објекти. Таа се осврнува и на дилемите дали преку симболите треба да се изразува/се изразува идентитетот на заедниците. Клучно е, употребата на симболите, знамето да се користи слободно за изразување на идентитетот на заедниците, а не на начин, во прилики и настани кои може да значат загрозување на суверенитетот и територијалниот интегритет на РМ.
Случаите на Гостивар и Куманово се основа за разгледување на локалната јазична политика за заедниците под 20 % во приказот на Јован Близнаковски. Студијата ја анализира примената на правилото кое се однесува на службената употреба на јазиците на „малите“ заедници на локално ниво, воспоставено со ОРД и според кое општинските совети одлучуваат по ова прашање. Една од можните придобивки на ОРД е воспоставувањето бројни локални јазични политики наменети кон членовите на „малите“ заедници, условени од различни локални контексти.
Реџеп Али Чупи се осврнува на развојот на образованието на припадниците на заедниците во сите степени по донесувањето на ОРД. Правата на припадниците на заедниците и правата на нивните деца кореспондираат со правата на етничките заедници во меѓународните документи и има значителен напредок во достапноста на образование на мајчин јазик, се констатира во студијата.
Авторите Елена Нацевска и Лулзим Селами се занимаваат со унифицираните стандарди за академските програми на двојазичните паралелни и кооперативни студии на Универзитетот ФОН. Ваквите судии, според нив, нудат бројни можности за позитивно влијание на меѓуетничките односи. Тие овозможуваат политичко, образовно и општествено зближување меѓу двете најголеми заедници во Република Македонија и се добра основа за унапредување на соживотот во Македонија.
Рамноправниот третман на верските заедници во процесот на денационализација е предмет на интерес на студијата на Илина Мангова. Различниот степенот на успех на враќање на имотите и пречките на кои наидуваат верските заедници во овој процес, предизвикува ИВЗ и ЕМЦ да се чувствуваат нерамноправни и дискриминирани од страна на државата. МПЦ е задоволна од процесот, додека пак Католичката црква, не се произнесува јавно по ова прашање. Единствено кон ЕЗРМ државата применува афирмативен пристап.
Благородна Ампова во својата студија се занимава со финансиската децентрализација од 2005 до мај 2011 година. ОРД, меѓу другото, пропишал да се обезбеди соодветен систем на финансирање на ЕЛС, кој ќе им овозможи на општините да ги исполнуваат сите свои надлежности. Студијата дава слика на состојбите во кои се одвивала децентрализацијата во делот на локалните финансии и генералните проблеми со кои се судираат општините во овој процес.
Пранвера Имери и Арлинда Имери го разгледуваат буџетот на општина Тетово. Од неговото зголемување секоја година, велат тие, се забележува дека е постигната повисока скала на децентрализација. Мерките кои се неопходни за ефикасна работа се борбата против корупцијата, мобилизација во приодот до можните европски фондови и други донации, како дополнителен извор на приходите на општината и вистинската соработка меѓу централната и локалната власт.

promovirani-studiite-na-slucai-edna-od-serijata-publikacii-2
Фискалната децентрализација во РМ е разгледувана и во студијата на Јасмина Поповска. Според податоците за вкупните расходи на општините, финансиите секоја година бележат пораст. Вкупните приходи, од 2005 до 2009 пораснале за 3,74 процентни поени според што степенот на децентрализација се зголемува. Студијата понатаму анализира и колку во приходите на општинските буџети учествуваат сопствените приходи, а колку трансферите од други нивоа на власт.  
Марија Саздевски ја разгледува праведноста на редистрибуцијата на приходи од дотации од други нивоа на власт. Таа констатира дека во 2006 г. постои почетен јаз во финансирањето меѓу општините со мнозинско македонско население и општините каде немнозински етнички заедници се во мнозинство, кој е во тренд на намалување во периодот до 2009 г.
Студијата на Дервиша Хаџиќ-Рахиќ е посветена на Комисиите за односи помеѓу заедниците како активен механизам за заштита од мајоризација во етничките хетерогени општини. Таа укажува дека законската обврска за формирање на КОМЗ ја почитувале сите 21 општини, а покрај нив, на доброволна основа, 19 други општини формирале комисии. Условите во кои функционираат КОМЗ сè уште остануваат еден од клучните проблеми.
Мухамед Точи го третира начинот на носење одлуки во мултиетничките средини и проблемите што можат да произлезат низ примерот на преименувањето на училиштето „Единство – Bashkimi – Birlik“. Секоја промена која ги засега личните чувства на различните етнички заедници, вели тој,  промената која ја засега пошироката јавност, не може и не треба да се направи без дијалог и без да се слушнат и разгледаат различните предлог-решенија и толкувања.
Дона Димов-Марковска прави илустрација на примената на ОРД на локално ниво во Тетово и во Теарце. Таа констатира дека механизмите на ОРД како правичната застапеност, двојно мнозинство и употребата на јазиците на етничките заедници се применуваат на локално ниво, но дека вклученоста на етничките малцинства во процесот на донесување одлуки и креирање политики е мала. КОМЗ е единствен механизам со кој малцинските заедници можат да го изразат своето мислење и влијание на локално ниво.
Форум - Центар за стратешки истражувања и документација ја разгледува улогата на меѓуетничкиот дијалог во процесот на одлучување во општина Куманово. Тие констатираат дека недоминантните заедници кои се претставени во органите на одлучување, благодарение на желбата за интегрирање и за учество во општинските структури, ги унапредиле своите права, а промоцијата на нивниот идентитет се почитува и поддржува.
Студијата на Билјана Начарова се однесува на реализирањето на програмите за демобилизација, разоружување и ресоцијализација кои се неопходен услов за примена на ОРД.  Најголемите недостатоци во реализацијата на овие програми се резултат на потценувањето на нивната комплексност. И десет години потоа евидентна е поделеноста по етничка линија за прашањата што се суштински за нивна реализација, посебно прашањата поврзани со фазата на ресоцијализација на поранешните борци и од двете страни на вооружениот конфликт.

Студиите на случај се дел од поголема студија посветена на првата декада од спроведувањето на Охридскиот договор. Тие претставуваат длабинска анализа на конкретни прашања (случаи) од важност за ОРД. Методологијата употребена во студиите е одговорност на авторите и користени се повеќе истражувачки методи: анкети, интервјуа, анализа на литература и сл. Авторите на студиите беа избрани преку јавен конкурс.

 

Google translate

Следи нé

FacebookYouTubeTwitterScribdRSS

Се наоѓаш тука  : Почетна Вести и јавност Вести Промовирани Студиите на случаи - една од серијата публикации за ОРД